Решението постигнато со договорот потпишан во Преспа ја смени реалноста меѓу двете земји и создаде нова, позитивна динамика во односите меѓу земјите во регионот. Договорот ја заслужува севкупната поддршка од двете земји – е заклучокот од средбата на македонскиот премиер, Зоран Заев и поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас.

Средбата се случи во рамки на посетата на Ципрас, кој допатува во Македонија на покана на угледниот магазин „Економист“, како еден од главните говорници на Самитот за Западен Балкан – „Зајакнување на моментумот на европските интеграции“ што се одржува во Скопје.

Низ разговорот беше констатирано дека од 17 јуни минатата година соработката меѓу двете земји се продлабочува, откако беше поставена на темелите на договорот за ново пријателство и стратешко партнерство. На средбата Заев и Ципрас констатираа поголем број придобивки како што е зголемената трговска размена за 20 отсто за само една година, покренатите постапки за нови гранични премини меѓу двете земји, блиската соработка во сферата на одбраната како дел од заедничките политики што произлегуваат од НАТО, во делот на безбедносната контрола на небото над Северна Македонија (Аir Policing), како и зајакнувањето на соработката во повеќе други области“ – се наведува во соопштението на прес-службата на Владата.

На средбата одржана во кабинетот на премиерот, Заев и Ципрас го поздравиле најавеното полноправно членство на Македонија во НАТО.

Двајцата соговорници на средбата ја поздравија силната поддршка за отпочнување на преговорите меѓу нашата земја и ЕУ, за која оценија дека доаѓа не само како резултат на Преспанскиот договор и позитивните ефекти на решавањето на билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Грција, туку и заради исполнувањето на домашните реформи“ – се наведува во соопштението.