Партиска делегација на СДСМ предводена од претседателот Зоран Заев, денеска се сретна со делегација на ОБСЕ предводена од шефот на мисијата во земјава, амбасадорот Клеменс Која. На средбата се разговараше околу повеќе актуелни теми, со фокус на претседателските избори, се вели во партиското соопштение.

Заеднички било заклучено дека на претстојните претседателски избори сите учесници треба да покажат демократска зрелост и одговорност пред државата, за граѓаните слободно да го искористат своето правото на глас, а изборите да бидат фер и регуларни.

Успех за нас ќе бидат кристално чисти фер и демократски избори. Како владејачка партија се обврзуваме на тоа и очекуваме од сите учесници да бидат одговорни. Се надеваме дека опозицијата нема да се обиде да ја закочи иднината на државата, ќе преземе одговороност и нема да го блокира вториот круг. Успешни избори отвораат голем простор реформите да продолжат, Република Северна Македонија да направи нов исчекор кон интеграцијата во ЕУ. Тоа е од интерес на сите наши граѓани, изјави претседателот Заев.

Мисијата на ОБСЕ е веќе активно вклучена, набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР внимателно ги следат процесите, активностите пред и за време на кампањата, работата на институциите. Како дел од набљудувањето, ОБСЕ/ОДИХР исто така ќе го следи и известувањето на медиумите за време на кампањата, се вели на крајот од соопштението.