Силна порака на референдумот да се гласа „за“ испраќаат западни лидери кои неделава доаѓаат во Македонија пред референдумот на 30 септември, пишуваат грчки медиуми.

Притоа се издвојува дека во иста недела доаѓаат Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот австриски колега, Себастијан Курц.

Ефемерида објавува дека денес доаѓа Столтенберг во дводневна посета, при што се најавуваат средбите со премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и други владини претставници, како и со „македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој е жесток противник на Преспанскиот договор“.

Посетата на Курц се најавува за в петок, а таа на Меркел за в сабота, кога, како што посочуваат грчките медиуми, Македонија го слави Денот на независноста. Притоа се подвлекува дека тоа ќе биде прва посета на германски владин лидер во последните 20 години.

„Повеќето граѓани сигурно ќе го разберат значењето на оваа посета (Меркел). Тоа е силна поддршка за владата, но исто така за сите македонси граѓани кои на 30 септември ќе треба да ја потврдат аспирацијата на земјата да се приклучи кон НАТО и ЕУ“, го цитира Ефемерида Денко Малески, поранешниот министер за надворешни работи.

Грчки медиуми не исклучуваат Меркел, покрај стандардниот проткол, да се обрати до македонската јавност со порака за важноста референдумот да биде успешен.