Професорката, Гордана Силјановска, бара ТВ дуел со својот противкандидат за претседател, Стево Пендаровски, за кој вели дека и го украл слоганот „За право и правда“.

Соопштението за јавност испратено денеска, професорката Силјановска го започнува со тоа дека нејзина искрена намера била и ќе остане да придонесе за фер и демократски избори во април.

Силјановска додава дека од почетокот на нејзиното кандидирање за претседател била мета на навредливи и лични напади од страна на портпаролот на СДСМ, а сега со партиско соопштение се удира по, како што вели, „мојата личност со спинување на кажаното во врска со вчера изречените пресуди“.

„Одлучив да не одговарам на ниски провокации и недолични прозивки, дури и кога доаѓаат од врвот на владејачката партија, и едвај чекав да се соочам со противкандидатот, колегата Пендаровски“, пишува Силјановска.

Таа вели дека како надпартиски кандидат е погрешна адреса за барање (правна!?) одговорност или извинување за настаните од 27 април.

„Подготвена сум во ТВ дуел да ги соочам аргументите за кршењето на процедуралните правила за правично судење со Пендаровски, но и да потсетам дека токму оваа власт го амнестираше Крсто Мукоски од директната одговорност за последиците од насилството во Собранието, а со цел да обезбеди промена на Уставот“, вели Силјановска.

Силјановска е уверена дека нема да дозволам да биде инволвирана во валкана кампања, и како што вели, ќе продолжи, заедно со граѓаните, да ггради стратегија за подобра Македонија во која ќе важат правото и правдата.

„Прашувам дали планираат да ѝ се извинат на македонската јавност за уривањето на правната држава и за флагрантното кршење на човековите права, и на национално и на индивидуално ниво?“, прашува Силјановска Давкова.