Кандидатот за претседател,  Гордана Сиљановска Давкова вечерва се обрати на граѓаните во Гевгелија.

Сиљановска Давкова посочи дека политичарите својот легитимитет го црпат од народот и дека токму народот на 21 април, а потоа и на 5 мај ќе одлучи дали се задоволни од оваа власт која што според неа не направи ништо добро за граѓаните.

„Вие сте тие кои давате и одземате легитимитет. Вие сте тие од кои зависи нашиот мандат, нивниот мандат и вие оценувате. Дојдете време да го кажете последниот збор дали сте задоволни од оваа власт или не. Одговорот е јасен. Зошто јас како некоја која имаше прекрасен универзитетски дом одлучив да се борам за подобар политички дом, за македонски дом. Ако цел живот ги учам студентите на критика, на критички однос, на критичка промисла, на цврста одбрана на ставовите, сигурно тоа не го правам случајно, туку зошто мислам дека не сте ни човек ако немате свој став, ако не го браните ставот со аргументи а не со лаги, ако не учите на отпор, ако не учите на реформи ако не учите на промени“, вели Сиљановска Давкова.

Сиљановска нагласи дека на Македонија и е потребно жена за претседател бидејќи со нејзиниот избор ќе престане егзодусот на иселување на младите од Република Македонија.

„Дојде времето кога ние жените треба да дадеме свој придонес видлив придонес на високо политичко ниво во Македонската политичка приказна. Како жени, бидејќи Македонија е жена, татковината е жена, имаме посебна обврска кон тоа. Да не заборавиме на егзодусот на нашите деца, да ги вратиме или задржиме, да ги убедиме дека има шанса за Македонија, но не со нив, туку со нас“, рече Силљановска.

Со владата на СДСМ и Заев според Силјановска во Македонија нема демократија и стабилни институции, туку поединец со моќ да владее и да ги контролира сите институции.

„Во оваа земја нема демократија, две и пол години јас не гледам стабилни институции што работат по процедура, гледам само силни поедници кои толку многу моќ концентрирале крај себе што не може да ја контролираат. Кога не се спречени, кога немате кочница од опозиција кога немате спрега и кочница од пратениците кои поинаку мислат од вас, кога немате критичари туку имате обожаватели околу себе тогаш ќе потонете во глупости“, посочи Сиљановска Давкова.

Сиљановска Давкова нагласи дека е потребана темелна реформа во македонското правосудство и заострување на критериумите за избор на судиите се со цел тие навистина да станат независни и професионални во својата работа.

„Нужна е темелна реформа на судскиот систем, мора да се заострат критериумите на изборот на судиите, мора да се знае дека не се станува судија со  партиска книшка и со партиски збори, туку со диплома, со знаење, со судска академија, со јазици. Само така ќе имаме независно судство“, порача таа.