Софија се изолираше и го изгуби не само своето влијание врз Скопје, туку и довербата на сите балкански земји, и пошироко, пишува поранешниот германски амбасадор во Скопје и Софија, Клаус Шрамајер за „Дојче веле“.

Ретко која држава е изигрувана на таков ужасен начин како Северна Македонија. Најголемата вина за ова е кај Грција, која во 1992 година спречи ЕУ да ја признае новата држава и потоа воведе ембарго. Во еден момент, Атина направи компромис и ја призна земјата како ПЈРМ, но продолжи да ја блокира се’ до 2013 година, и покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Преку смешни историски тврдења, Грција успеа да го уценува Скопје за промена на името на земјата. Но, возот за источното проширување на ЕУ (2004-2007) веќе замина и Македонците останаа на перонот.

И кога ова клопче од проблеми започна да се расплетува, на сцена стапија досега разбраните Бугари, кои, на изненадување на сите, покренаа и смешни историски тврдења. Инаку, договорот потпишан во 1999 година од Иван Костов и Љубчо Георгиевски, како и Договорот од 2017 година, се чинеше дека ги расчистија сите контроверзни прашања. Или овие прашања беа привремено неутрализирани со формирање на заедничка историска комисија. Сепак, оваа комисија не успеа да најде заемно прифатливи решенија за голем број прашања, поради што во 2018-2019 година спорот повторно се префрли на политичко ниво.

А всушност, токму Бугарите се тие што ги имаат сите можни причини да се однесуваат кон нивните браќа и сестри Македонци со разбирање. Та нели токму кобната бугарска стратегија за време на меѓусојузничката војна доведе до губење на Вардарска Македонија и Јужна Србија. Државата Бугарија не се однесуваше „братски“ кон Македонците ниту за време на двете окупации за време на Првата и особено за време на Втората светска војна, ниту кога ги предаде македонските Евреи на нацистичка Германија.

Целиот текст овде.