Граѓани, вработени во градската администрација, општините и јавните претпријатија, студенти, претставници од невладиниот сектор и од дипломатските претставништва, како и ученици во средните и од основните училишта се вклучија во  акцијата  за расчистување диви депонии на територијата на Скопје, која се одвива денеска во сите 10 скопски општини.

Во акцијата за чистење на локацијата пред хотелот „Вип“ се вклучи и  градоначалникот Петре Шилегов.

Со масовноста на оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на граѓаните и да укажеме на штетноста од несовесното постапување со отпадот и опасноста од создавањето диви депонии. Депониите не само што ја загрозуваат животната средина туку претставуваат и директна закана за здравјето на граѓаните.

Државниот завод за статистика неодамна објави податок дека eден жител во земјава во текот на минатата година создал 412 килограми отпад, што е за 8,6 натсто повеќе од 2017 година. Токму поради тоа, Град Скопје годинава почна процедура за набавка на 540 статични контејнери за одлагање комунален отпад со капацитет од 3.200 литри – рече денеска градоначалникот Шилегов.