Македонија по децении уназадување конечно го отвори патот кон членството во НАТО и ЕУ, решавајќи го најголемиот надворешно-политички проблем, и отворајќи перспективи, беше истакнато денеска на заедничката прес-конференција на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, откако македонското Собрание во петокот вечерта ги усвои уставните измени што произлегуваат од Договорот од Преспа.
Шекеринска рече дека за помалку од една година Македонија го промени впечатокот на надворешно-политички план, затоа што, како што рече, не калкулирале со лични и партиски интереси, и поради фактот дека Македонија нема децении за губење.
Ова е голем пробив што нуди можност за нашата земја и за граѓаните и покажавме за кусо време дека Македонија успеа да направи промена што ја забележа целиот свет. Измината година не беше лесна за нас, но овој успеш пат покажа дека Македонија е способна за голем пробив, рече Шекеринска.
Таа истакна дека Македонија го обезбеди заслужено своето место на масата на сојузниците на НАТО.
Сега сме на почетокот на нов пат и не чека успешна работа. Членството во НАТО е гаранција за стабилност, неменливост на границите и дава гаранции на сите сегашни и идни инвеститори, подбро платени и повеќе работни места. Оваа шанса како држава тренба да ја искористиме, посочи таа.
Рече дека сега од Македонија се очекува да се насочи на реформите, социјалната сигурност, и економскиот раст, и оти по 12 години стагнација овие реформи бараат и време и напор, и затоа Владата ќе ја насочи цела енергија кон реформските процеси.
Шекеринска истакна дека сега не очекува многу работа и за членството во НАТО, при што се очекува и брза и амбициозна агенда за пристапувањето на земјава и од страна на нашите сојузници.
Оваа година кога е 70. роденден на Алијансата, нашата земја успева да седне на масата на НАТО како една од 30-те нејзини членки, заклучи Шекеринска.
Вицепремиерот Османи, оцени дека сите заедно направивме историски успех – политичарите, граѓаните и сите што ја чувствуваме земјата како своја што посакуваме стабилна и безбедна иднина за нашите деца.
Македонија сега е целосно ослободена и заштитена од геополитички игри од големите центри на моќ што се претставуваат закана врз безбедноста на целиот регион. Преговорите со кои Македонија станува држава членка на ЕУ ќе значат европски стандарди во администрацијата, европски стандарди во владеењето на правото, стандарди во образованието, здравството, уметноста, културата…, истакна Османи.
Тоа, посочи, ќе значи и подобри услови за водење бизнис, подобра бизнис клима за претприемачите, поквалитетен животен стандард. – Стандардите ќе ги носиме тука, за нашите деца да останат тука, да не ги бараат надвор од земјата, додаде Османи.
Според него, успехот на Македонија и на Грција претставува поттик и симбол и за останатите земји, симбол на оптимизам на сите од Западен Балкан, за тоа како се градат добри односи со соседите, како со позитивен пристап се затвораат отворените прашања.
Им порача и на Косово и Србија да ги отворат политичките видици и да направат компромиси, а пораката како што рече, треба да стигне и до нашите политички елити – надворешното помирување нема да биде целосна без да обезбедиме внатрешно помирување.
Шефот на дипломатијата Димитров, пак, нагласи дека го решивме нашиот најголем надворешно –политички проблем, што не влечеше децении наназад.
„Ние по независноста кога влеговме во ОН градејќи ја куќата на државноста добивме обврска од СБ на ОН да ја надминеме разликата околу името со Грција. Во таа смисла овој проблем беше најголем надворешно-политички проблем на Република Македонија што со генерации ја затвори вратата за напред и не влечеше назад. Сега го решивме нашиот најголем надворешно –политички проблем, рече Димитров, додавајќи оти сега нема повеќе да бидеме дефинирани со нашиот статус како Поранешна југословенска република Македонија.
Посочи дека денес имаме заштитен идентитет и заштита на она што и е најважно на земјата.
„Нас денес не има со нашиот идентитет, заштитувајќи го она што ни е најважно и разграничувајќи ја нашата Македонија со останатиот географски регион што го има во други држави. Тоа значи го отвораме патот напред за иднината, имавме храброст да се соочиме со реалноста, да ја заокружиме државноста, да ј напраавиме постабилна иднината поизвесна и да создадеме услови идните генерации да имаат подобар живот, рече Димитров.
Истакна дека со ова решение го направивме она што одамна ни следуваше, обезбедивме членство во НАТО.
„Деновиве согласно процедурите ќе испратам писмо до генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а земјите-членки интензивно работат за пристапниот протокол во однос на нас, изменување на Вашингтонскиот договор со 30. членка, изјави Димитров.
Во однос на ЕУ, рече дека со оглед на тоа дека сме земја-членка од 2005 и толкму многу препораки за почеток на преговори, време е да го фатиме возот и оти мора да се прилагодиме на контекстот во регионот, Европа и светот.
„Успеавме да докажеме дека во нашиот дел на Југоисточна Европа можеме да спробедуваме европски вредности на дело, да работиме на доверба, на разбирање, да се фатиме во костец со проблемите, и затоа во сите овие честитки ова е инспирација за сите нас и за самата Европска унија. Од соседите да си направиме пријатели, бидејќи не може да има ништо добро од тензии, неразбирање. Ќе има маки, но ќе биде полесно да се решаваат со овој чекор, рече Димитров.
Шефот на македонската дипломатија изрази очекување и Грција да ги заврши своите обврски и, како што рече, да го завршиме овој проблем што не влечеше назад.
Comments are closed for this post.