Подобро е да се чисти отколку да се пренесува. Се бара компанија која тоа ќе го направи со индустрискиот токсичен отпад „линдан“ којшто со години се наоѓа во две депонии во фабриката „Охис“ во Скопје, рече замeник министерот за животна средина Јани Макрадули.

Тој појасни дека од страна на странски консултанти изработено е техничко упатство за тоа како да се постапува на тој терен. Студијата покажала дека отровниот пестицид е најдобро да се исчисти.

Неодамна, премиерот Зоран Заев во име на Владата го потпиша меморандумот за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации – UNOPS и со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка со цел создавање на заеднички Фонд за расчистување на индустрискиот токсичен отпад во поранешната фабрика ОХИС.

Тогаш беше соопштено дека отстранувањето ќе трае од три до пет години, а која метода ќе се примени ќе зависи од собраните средства преку Фондот.

Пресметките се дека чистењето може да чини од 40-тина до 260 милиони евра, а ќе бидат опфатени и големата и малата депонија во „Охис“.