По три години од првиот Извештај на Прибе и со сомнеж дека и натаму ќе продолжи злоупотребата на ситемот за прислушување, се очекува во ноември да стартува новата Оперативно техничка агенција, која ќе ја води екс разузнавачот Зоран Ангеловски.

ШТО ПРЕПОРАЧА ПРИБЕ, ШТО ПРАВИМЕ НИЕ?

Групата бриселски експерти предводени од поранешниот директор во ЕК Рајнхард Прибе допатува во Скопје пролетта 2015 и остави Извештај од 30-тина страници. Преку формулацијата „заробена држава“ Рајнхард Прибе, испрати многу јасни препораки за тоа што треба итно да се направи за земјата да може да се врати на патот на демократијата и развојот. Еден од главните приоритети, што тој ги посочи, беа реформите во безбедносниот сектор, со посебен акцент на тајните служби и системите за следење на комуникациите.

Прибе препорача модел според кој вклучувањето (овозможувањето) на прислушкувањето треба да биде кај провајдерите, кои би го овозможувале тоа само по судска наредба од овластен орган.

Но според новото законско решение, ОТА ќе го вклучува сигналот за прислушкување. Во законот се прецизира дека Агненцијата само ќе го вклучува сигналот, а нема да може да слушаат. Управата за безбедност и контраразузнавање ќе може само да слуша, но нема да може да вклучува.

На јавната дебата во Собранието за законските решенија, експертите побараа владата да крене рачна бидејќи нема гаранција дека ОТА ќе се издвои од УБК и оти не се испочитувани во целост препораките на бриселските експерти. Стигна и предупредување дека со измените кои се прават, сите комуникации, како и досега, им се достапни на тацна на државните органи.

Експертските сугестии не беа прифатени од власта со образложение дека тоа е од причини на безбедност, бидејки операторите се странски компании.

ПРИБЕ ПРЕПОРАКА

„УБК не треба да има директен пристап до техничката опрема која дозволува копирање на комуникацискиот сигнал. Сопственичките преклопници (свичови) треба да се преместат во просториите на провајдерите на телекомуникациски услуги. Провајдерите треба да ги активираат и пренасочат сигналите кон надлежните агенции за спроведување на законот (Полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција) или безбедносните агенции (Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Агенцијата за разузнавање и Службата за воена безбедност и разузнавање во рамките на Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантен судски налог и само за целите на законско следење на комуникациите. Во никакви околности УБК не треба да има практична способност за директно следење на комуникациите.

ЗОШТО СЕ ДОЦНИ СО РЕФОРМИТЕ?

Политичкото договарање по суштинските прашања е причина за доцнењето на реформите, вели подпретседателката на Собранието, Фросина Ременски.

ИЗДРЖАНИ ИЛИ ИЗБРЗАНИ РЕФОРМИ?

Дали новите законски решенија ќе понудат соодветни гаранции во однос на надзорот и овозможување заштита од политичка злоупотреба или се само „шминка“ заради проблемот на Владата со временскиот теснец.

Професорката Мирјана Најчевска вели дека со начинот на кој е формирана ОТА не дава гаранција дека во иднина системот за прислушување нема да се злоупотреби.

Професорот од Факултетот за безбедност Никола Дујовски убеден е дека со пакетот реформски закони, ќе се воведе ред во безбедносниот сектор.

Со реформите, злоупотребата на ситемот е сведена буквално на минимум, уверува Ременски.

СТРАВОТ ОД ПРИСЛУШУВАЊЕ СЕ УШТЕ Е ПРИСУТЕН

Задоцнетото спроведување на реформите во безбедносно-разузнавачките служби се случува во време кога истражувањата на јавното мислење покажуваат дека сѐ уште постои страв кај граѓаните од прислушкување.

Резултатите од теренската анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена од 28-ми јуни до 15-јули годинава, покажаа дека 45 отсто од анкетираните одговориле дека телефонските разговори што секојдневно ги вршат не се приватни и безбедни. Наспроти нив 34 отсто веруваат дека никој не ги прислушува.

Неодамна беше објавена и снимка која ја разбранува јавноста, на која се слуша како градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски на вработените во детската градинка им кажува да не забораваат дека доаѓа од МВР и дека ги слуша нивните разговори. Па се отворија дилемите дали носиме нови закони, а продолжуваме со старите навики?

Прашан дали стравува кога разговара на телефон, новинарот Горан Трпеноски дециден дека верба во државните институции нема, а тоа во пракса се покажало овие години. Тој со жалење додава дека иако процесот на реформи е отпочнат, не е сигурен кога и денес разговара на телефон.

Сомневања дека се уште незаконски се прислушува има, но за разлика од  јавните личности, обичните граѓани не внимаваат што ќе кажат преку телефон.

ЗОРАН АНГЕЛОВСКИ ЌЕ ЈА ВОДИ „ОТА“

Власта и опозицијата се договорија и на 4-ти септември го изгласаа Зоран Ангеловски за прв човек на Оперативно техничката агенција која според најавите треба да стартува со работа во  ноември и ќе биде задолжена за прислушкување на граѓаните.

Ангеловски е поранешен разузнавач во управата бил од 1998 година па се до 2005, каде ја вршел функцијата главен инспектор за тероризам, во Дирекцијата за оперативни работи и раководител за стратегиски истражувања.

Работел и во Т-мобиле како директор за корпоративна безбедност.

Избран беше во конкуренција на 14-мина  кои се пријавија на јавниот оглас за функцијата директор на ОТА.

Меѓу нив беше и поранешниот контраразузнавач Ѓорѓи Лазаревски кој ги предаде прислушкуваните разговори на СДСМ.

Директорот на ОТА го избира и разрешува Собранието по предлог од Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Се избира со двотретински мнозинство и со Бадинтерово мнозинство. Има мандат од пет години, без право на повторен избор.

Со законските измени предвидено е зајакнување на контролниот механизам на следењето на комункациите. Дури и еден член на собраниската комисија, да побара да изврши контрола, таа ќе може да се направи и без претходна најава.

Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниската комисија, составена од четири члена (двајца од мнозинството и двајца од опозицијата) и претседател од редовите на најголемата опозициска партија во Парламентот. Ќе може да вршат надзор без најава.

Во контролата се вклучени и Народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за лични податоци.

Новина е Советот за граѓанска контрола, што дополнително треба да биде формиран. Советот за граѓански надзор, што е една од новините, ќе биде составен од претседател и шест члена, а сите ќе ги избира Собранието. Нивниот мандат ќе биде три години, а и тие ќе треба да поднесуваат годишен извештај за сработеното до Парламентот.

Овој Совет ќе постапува врз основа на барања на граѓани и фирми кои забележале незаконско постапување, односно злоупотреба на ПИ мерките.