„Ружна ви е портата“ беше една од главните пораки, што за време на „Шарената револуција“ беше испишана на Порта Македонија во знак на револт од неконтролираното трошење народни пари во рамки на проектот „Скопје 2014“.

Тоагашната власт на сега веќе опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги отстрани и пораките и шаренилото од бои на Портата, а тогашниот опозициски, а сега владејачки СДСМ најави дека на неа ќе постави бројчаник, што ќе ги брои „украдените“ и вратени народни пари.

Но, сето тоа од оваа временска дистанца останува како обичен фолклор во дневнополитичката борба.

Порта Македонија одново стана Порта Македонија! Зашто, ново-старите европски прваци, ракометарите на „Вардар“, минувајќи одново под неа и го вратија вистинското значење-симбол на и оние малку победи, успеси и достигнувања.