Претседателот Румен Радев објави дека Бугарија почнува со позитивна промена во односот кон С.Македонија-таа повеќе нема да ги изолира македонските Бугари од процесот на носење одлуки, пишува софиски „Дневник“.

-Од сега, па натаму Бугарија во голема мерка ќе се раководи од вашите желби, од вашето декларирање на волјата како национален идентитет во бугарската меморија, изјави Радев во своето обраќање на средбата со претставници на некои организации на Бугарите во С.Македонија.

На средбата присуствувале претставници на Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, „Трибуна“ од Прилеп, Македонско-бугарско пријателство од Скопје, „Коридор 8“, „Интеракција“ од Охрид и „Единство“ од Кочани, како и на партијата Граѓанска демократска унија на Петар Колев, со која идниот политички проект на фондацијата „Македонија“ (создавње нова етничка партија н.з.) на Виктор Стојанов ќе прави коалиција.

Со денешната средба Радев ги продолжува своите напори за решавање на спорот, кој ја блокира европската перспектива на С.Македонија, повеќе со правата на Бугарите во државата, отколку со прашања за историјата и јазикот. Се очекува прашањето да е дел од документите, што се подготвуваат меѓу Скопје и Софија, кои според претседателот ќе бидат разгледани во текот на ноември.

Радев го повтори своето настојување, бројот на оние кои се самоопределуваат како Бугари, да биде адекватен со резултатите од пописот.

Според него, улогата на Бугарија како држава е „согласно Уставот, ние сме должни да се залагаме за правата на сите Бугари кај нас и надвор“. Има и „дополнителен услов“, зашто во Договорот за добрососедство, во чл.11, е запишано „правото да се залагаме за вашите права, на нашите сонародници“.

Членот 11, алинеа 4 вели дека „секоја од договорните страни има право да ги зштитува правата и интересите на своите граѓани на територијата на другата страна, во согласност со меѓународното право“.