Писмената реакција на Институтот за историја се случи од принципиелни причини. Вообичаено е еден голем јубилеј, како што беше 700 години од смртта на српскиот крал Милутин, српските институции да го одбележат и да организираат научна Конференција на територија на денешна Република Србија, а не во главниот град на Република Македонија. Доколку српската институција, во случајов главниот организатор Универзитет од Крагуевац, планирал и покрај тоа да организира јубилејна Конференција во Скопје, Република Македонија, тогаш неопходно било да покани, барем една, сродна македонска институција како ко-организатор, како на пример Институтот за историја при Филозофски факултет-Скопје, Институт за национална историја-Скопје, Православниот Богословски факултет „Св. Климент Охридски“-Скопје, МАНУ или други високообразовни и научни институции.

Ова за Пресинг ТВ го вели проф. д-р Тони Филипоски, редовен професор на Институтот за историја при Филозофски факултет-Скопје, чие поле на научен интерес се медиевистиката и византологијата, по завршувањето на дводневниот он-лајн научен собир посветен на 700-годишнината од упокојувањето на српскиот крал Милутин.

-За жал, наведениот настан се случи со отсуство и потполно игнорирање од страна на организаторот на наброените македонски институции. Таквата постапка е непримерна и во научниот свет се смета за преседан. Уште повеќе што благослов за успешен јубилеен настан дадоа СПЦ и ПОА, а МПЦ „како расколничка“ воопшто не беше спомената. Тоа секако е поврзано со актуелните нерегулирани црковни односи меѓу двете земји. Исто така, беше забележливо дека во конференциските материјали и од страна на учесниците на конференцијата при споменување на Скопје и на дел од средновековните манастири подигнати од кралот Милутин, се избегнуваше да се каже дека тие денес се наоѓаат во Република Македонија. Особено пречеше доминантното користење на српскиот и англискиот како работни јазици, со сосема инцидентна употреба на македонскиот, што пак е директна последица од отсуството на македонски ко-организатор. Заклучокот е дека во иднина треба да се избегнува давање дозвола за организирање странски научни конференции на територија на Република Македонија, без учество како ко-организатори на сродни домицилни, односно македонски институции, нагласува проф. Филипоски.

Очигледно е дека незаинтересираноста и игнорантскиот однос на државните институции ја доведуваат државата Република Македонија во состојба на „село без кучиња“. Дотолку повеќе што истата таа Република Македонија одново станува поле за политички и црковно-просветни пропаганди за асимилација на македонскиот народ, култура и историја, исто како што била целата географска област Македонија пред повеќе од 100 години.

Чествувањето на српскиот завојувач од пред 700 години и потенцирањето на неговиот придонес во изградбата на цркви на територијата на Република Македонија, без да се слушне институционален македонски глас и име, сега во цетарот на вниманието ја става улогата на црквата МПЦ-ОА. Зашто, по нејзиното занемарување и давањето примат на Православната охридска архиепископија и архиепископот охридски Јован, со право се поставува прашањето што е следно!? Можеби- нови повици за „враќање на бугарската црква во Македонија“ или „трипати ура за царот ослободител Борис III“!?

Република Македонија очигледно станува поле за српско-бугарска пресметка на црковен план, а како клучно вештачки се наметнува прашањето кој повеќе цркви изградил, дали кралот Милутин или бугарската Егзархија и чии се тие сега?! На МПЦ-ОА, на ПОА, српски или бугарски?! Секакви, само не македонски, што ќе претставува нов удар врз македонскиот идентитет, зашто црквата како институција не е на поединци во неа, туку на народот.