Да се најдете на 111-то место на листата на корупција значи да бидете во слободен пад, значи да се одвоите тектонски, од европското политичко, демократски и правно тло и да се преселите во Евроазија и Африка во друштво на Монголија, Панама, Сиера Леоне. Можеби е ова момент за катарза.

Ова денеска го изјави проф.Гордана Силјановска Давкова информирајќи за покренувањето на интерпелација од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурски, и за министерот за правда Бојан Маричиќ. Според неа, тие се најодговорни личности за, како што рече, корупцискиот жив песок во кој што тонеме, како веројатно најкорумпираната европска држава и една од најкорумпираните во светот.

-Ние сме редок пример на Влада во која што има министер со посебна одговорност да се бори со корупцијата. Во случајот ако сме на 111 место, формирањето на посебното министерство за мене е институционален илузионизам. Мислите дека ако формирате институција, проблемот сам од себе ќе се реши. Кога е во прашање, пак, министерот за правда, во случајов низ призма на ова срамно место, министер за неправда, тогаш исто така се поставува прашањето, како е можно да не се предвиди овој настан, бидејќи ништо не настанува од вчера за денес, туку во овие четири години може да се види како се продлабочувала корупцијата, изјави Силјановска Давкова.

Според неа, корупцијата е системски феномен во државата, што најмалку е врзан само за психологијата на сторителите, туку неа ја креираат и поддржуваат социјалниот и политичкиот амбиент. Зашто, пред се, имаме филозофија на несанкционирање, која стимулира корупција и криминал.

-Ние имаме држава која што се нарекува партиска во која што статусот се заслужува, не со знаење, не со интегритет, не со дигнитет, не на конкурс, туку со партизација и политизација. Државната и јавната администрација наместо да бидат санкционирани бројни директори на агенции, на регулаторни тела, на јавни претпријатија само ја сменија локацијата, Во друга држава тие би ја изгубиле можноста за определено време да ја вршат оваа функција, изјави Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова потсети на предупредувањето од страна на холандскиот амбасадор, кој точно ја детектира нашата „ахилова пета“-не добрососедските односи, туку корупцијата и криминалот. Притоа наведе дека најважниот елемент, копенхашкиот критериум, на првиот кластер во преговорите за членство во ЕУ е владеење на правото, што ние го немаме.

Таа додаде дека да не била информацијата од Транспаренси Интернешанал и да се раководела од прочитаното, чуеното и напишаното во нашата земја, немало да очекува, како што рече, ваква катаклизма. Тоа, според неа, значи дека и инајважниот фактор во демократијата-медиумите, како еден критичен прецизен микроскоп, како непослушни, исто така, придонесуваат на свој начин во креирањето на една слика што не одговара на реалноста.

-Ако нешто шокира најмногу, тоа е изјавата на министериот, којшто треба да се справува со корупција. Замислете значи, перцепција била тоа, небаре граѓаните перцепциите ги градат како социјална фантастика, а не грубата реалност којашто секој ден ја доградува и зацврстува перцепцијата за едно од најкорумпираните општества. Без одговорност нема правна држава. Одговорноста може овие министри да ја сфатат како објективна, значи тоа се случило во време кога тие биле персонификација за правна држава, а не биле. Не говорам за субјективна одговорност, таа ќе се утврди на друг начин, но тоа може да биде почеток на системското решавање на корупцијата почнувајќи од правното образование, па до санкционирањето. Затоа јас мислам дека би било најдобро наместо постапка за интерпелација, ние да доживееме оставки како еден чин на катарза од страна на двајцата министри, потенцираше Силјановска Давкова.