Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денес поднесе Предлог-Закон за измени и дополнување на Законот за средно образование, соопшти на прес-конференција пратеникот Игор Здравковски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече тој, после средбата од пред два дена со дел од претседателството на Сојузот на средношколци и во согласност со можностите кои им стојат на располагање, целосно ги поддржуваат и преку институциите ќе ги канализираат нивните барања.

Барања на средношколците се основани и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ќе им помогне наместо да го губат времето во бојкот и бирократски процедури кои траат премногу долго, да се смени законот и тие да можат да се насочат на учење.

Средношколската унија во Македонија испрати барање до сите пратенички групи со кое предвидуваат олеснување на полагање на матурата, односно проектна задача и полагање на 2 предмети наместо 4 и тоа: мајчин јазик и уште еден, кој ќе биде соодветен за понатамошен упис на факултет, за оние кои планираат да го продолжат своето образование.

Со оглед на сите настанати околности како последица на ковид-19 пандемијата, со оглед дека учебната 2020/21 година почна со еден месец задоцнување, времетраењето на училишниот час од 30 минути, скратените наставни програми, немањето можност за вистинска пракса, немањето технички услови кај дел од учениците итн, сметаме дека овој дел може да се регулира со дополнување на законот за средно образование, каде ќе се дефинира бројот на предмети како и времетраењето на важноста на овој Закон, рече Здравковски.

Тој ги повика сите останатите пратенички групи, без разлика дали се од мнозинството или од опозицијата да го поддржат овој Предлог-закон и да не се дозволи, како што вели, уште една пропадната генерација поради неспремноста на системот.

Матурантите, според него, бараат по примерот на Обединетото Кралство, Ирска, Франција, Белгија, кои ги укинаа испитите оваа година, токму поради состојбата во образованието во услови на ковид-19 пандемија, кај нас да се намали бројот на истите.

За брза реализација на овој чекор треба само добра волја и конечно, намалување на егоцентричноста и ароганцијата на Царовска и за доброто на образовниот систем да ги прифати сите пропусти, да почне со правење анализи и носење рационални решенија, додаде Здравковски.