Седум лица се приведени, меѓу кои и сопственикот на компанијата „Дурмо турс“ и возачот на автобусот, во врска со истрагата за автобуската несреќа кај селото Ласкарци. Шестмина се осомничени за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а едно лице е осомничено за несовесно работење во службата.

Јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Сашо Рајчев на прес-конференција ги презентираше информациите за текот на постапката во врска со автобуската несреќа што се случи на 13 февруари, а во која загинаа 15 лица.

Според вештите наоди и мислења, евидентирани се кочења откако автобусот ја преминал заштитната ограда во двете насоки. Но брзината не му овозможила да го сопре автобусот пред да падне“, рече Рајчев.

Истрагата покажала дека возачот се движел со брзина од 99 километри на час, иако на автопатот било дозволено возење со 80 километри на час.