Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, во рамките на работната посета на Кралството Шпанија, како прв македонски премиер во посета на оваа земја, оствари средба со претседателката на Сенатот на Шпанија, Марија Пилар Љоп Куенка.

Премиерот Заев ја изрази благодарноста на Владата и на народот на Македонија за поддршката на Шпанија во процесот за пристапување во членство во ЕУ.

„Граѓаните на Македонија се особено благодарни и вечно ќе го паметат гестот што го  направи шпанскиот Сенат кога овозможи електронско гласање на Протоколот за ратификација на членството на Северна Македонија во НАТО, и тоа во исклучително драматични моменти на почетокот на пандемијата“, истакна премиерот Заев на средбата со претседателката на Сенатот на Шпанија Куенка.

Претседателката на Сенатот на Кралството Шпанија Марија Пилар Љоп Куенка од своја страна нагласи дека членовите на Сенатот ја препознале важноста на пристапувањето на Македонија во членството во НАТО и затоа со задоволство ги презедоа сите пандемиски мерки за да обезбедат електронско гласање за да го затворат процесот на ратификација по што следуваше и формалниот прием на земјата за членка во Алијансата.

Претседателката Куенка потенцираше дека Шпанија продолжува силно да ја поддржува Северна Македонија и на европскиот пат и дека се препознаени постигнувањата и резултати за подобрување на институционалниот систем во земјата, што е особено важно при интеграцијата во ЕУ.

„Преку договорот од Преспа и преку севкупната ваша домашна и меѓународна политика вие сте пример за моќта и важноста на дијалогот и кога е во прашање водење успешен дијалог, можеме да учиме од вас“, порача на средбата со премиерот Заев претседателката на Сенатот Куенка.