Пациент од Голема Речица крвнички претепал кожен лекар во Клиничката болница во Тетово, оти специјалистот одбил да му даде изјава со потпис дека негов колега кај кого имал закажано термин во истата служба не бил на работното место.

Нападнатиот лекар во бесознание е препратен на скопските клиники. За неколку часа се освестил. Според првичните наоди тој се здобил со повреди во главата.

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска во изјава за медиумите го потврди инцидентот и рече дека докторот е во добра состојба без посериозни повреди.

За среќа нема сериозни повреди. Тој е во стабилна состојба. Ќе го задржат на опсервација на Клиниката за неврохирургија, изјави Филипе по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Од полицијата информираат дека напаѓачот е приведен и задржан во Полициската станица Тетово за целосно расчистување на случајот. Инаку нападот врз лекар се смета за напад врз службено лице.