Бурна расправа во Министерството за правда, околу новонастанатата ситуација по писмото на Катица Јанева, која побара предметите од СЈО да ги преземе републичкото обвинителство. Дали предметите на Јанева ќе се селат кај Љубомир Јовевски се уште нема конкретен одговор.

Според дел од присутните на денешните консултации во правда СЈО ја исполнило задачата и Јовевски без проблем може да ги преземе предметите. Според други не може Јанева од притвор да ги делегира предметите на друго обвинителство.

Професорите своите ставови во однос на СЈО и неговата судбина ги споделија со јавноста, за разлика од обвинителите кои ги избегнаа камерите и новинарските прашања.

„Колку што разбрав републичкото обвинителство е спремно да ги прифати предметите, а СЈО се мисли дали нив да ги предаде, бидејќи е проблематичен правниот однос. Јас како професор по право мислам дека тоа не може и мислам дека дополнително ќе се искомплицираат работите со тоа што ќе им се даде дополнителен основ на одбраната и на адвокатите да ја оспоруваат правната изрдржаност на оваа трансформација“,  е ставот на професорот по право Гордан Калајџиев.

Тој со жалење констатира дека СЈО е злоупотребено само да се турне ВМРО-ДПМНЕ од власт и ништо повеќе.

За разлика од него професорот Владо Камбовски смета дека Специјалното Јавно Обвинителство ја одигра својата улога, a сега со реформите во правосудниот систем, Обвинителството се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуцијa.

„Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО“, рече Камбовски.

Обвинителката Ленче Ристовска од СЈО не сакаше да коментира и да споделува информации од средбата.

„Во врска со сите тековни случувања, кога ќе имаме информации што ќе можеме да ви ги соопштиме верувајте дека ќе ви ги соопштиме. Верувам дека деновиве ќе имате информации и од Специјалното јавно обвинителство кои ќе бидат објавени на нашата веб страна”,рече Ристовска.

На средбата во правда присуствуваа и јавниот обвинител Јовевски и обвинителката Вилма Русковска.