Референдумското изјаснување за таканаречениот Преспански договор, со кој Република Македонија ќе се преименува во „Република Северна Македонија“ и ќе се менуваат Преамбулата на Уставот и самиот Устав е еден од најсериозните тестови пред кои се наоѓа Македонија.

Поборниците на „За“, односно кои се брендираа како „за европска Македонија“ спроведе жестока кампања, одеше и од врата до врата, ги користеше социјалните медиуми, агресивно се рекламираше на телевизиите.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ водеше исто така кампања низ градовите во земјата, изнесувајќи свое мислење за Договорот, притоа истакнувајќи дека е тој штетен затоа што се врши предавство на историјата и се губи македонскиот идентитет, но не повика на бојкот.

Тоа значи дека и на крајот на оваа кампања останува длабоката поларизација меѓу владината коалиција и опозицијата во однос на Договорот.

Впечаток е дека кампањата за Договорот со Грција, слично како и тој претходно постигнат со Бугарија, се случува според народната „По свадба тапани“, односно се доцнеше со објаснувањето, односно немаше вистинска јавна дебата за двата многу важни договори. Ова е особено важно за договорот постигнат со Атина кој се става на референдумско изјаснување.

Така нацијата ќе оди на изјаснување повеќе збунета отколку со добиени веродостојни толкувања на Преспанскиот договор. Избирачите, исто така, не добија никакви толкувања или проценки какви последици ќе предизвика договорот, односно пакетот постигнат со Грција. Отсуствуваше и јавна дебата за издржаноста на договорот мерен според меѓународните стандарди и принципи.

За жал немаше директно соочување меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но што е уште поважно од преседан, пракса стана меѓународни договори кои задираат во државноста и во идентитетските прашања да се прават зад затворени врати, без вклученост и почитување на експерти и авторитети.  Имаше неколку издржани критички анализи на Договорот, но тие за жал не беа земени во предвид, така што власта (политиката) повторно е поставена над правото и во таква ситуација се остава народот да реши прашање која нацијата ја става на крстопат.

Во ТВ дебатата на Телма меѓу поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и министерот за надворешни работи, Никола Димитров шефот на македонската дипломатија истакна дека „преголемо е прашањето, преважен е влогот, 27 години сме во ровот, прв пат имаме шанса да се излезе од него“ притоа подвлекувајќи дека во Договорот се зборува за македонски народ и за македонски јазик, за нашата составена култура и наследство на оваа територија каде сме создале држава. Димитров истакна дека географската одредница „северна“ не ни го менува идентитетот.

За Николоски првата спорна работа во договорот е што Македонија се откажува од Временета спогодба и пресудата од Хаг. Клучен проблем е промена на Уставот. Проблематично е и тоа што дефинира дека Македонец и македонски ќе може да се биде и зборува само на оваа територија. Со овој Договор, посочи Николоски, Димитров им дава право на Грците да го имаат целото наследство од антиката до денес и да ги користат термините македонски и Македонија не само во денешна северна Грција односно Егејска Македонија, туку каде сакаат.

„Димитров е дел од една екипа која се обидува да покрене судски спор по завршување на референдумот со цел забранување на ВМРО-ДПМНЕ како и на името ВМРО за да ја испере совеста од минатите години кога беше на највисоки функции баш во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николоски.

На ова Димитров реплицираше:„Лажна вест, вие тоа самите го правите“.

Николовски  потсети на функциите кои Димитров  ги извршувал досега од 96-тата како советник во МНР,советник за национална безбедност на претседателот Трајковски, па во 2000 година ја добива функцијата заменик министер, а во 2002 година е именуван за македонски амбасадор во САД и преговарач во спорот за името, кој се јавува и како правен козастапник на Македонија во Хаг против Грција за прекршување на Привремената спогодба.

Димитров тврдеше дека не бил политичар туку дипломат во текот на целата кариера, а дека дури сега станал политичар поради желбата да помогне за Македонија да тргне напред.

Според Николоски „референдумот ќе пропадне и доколку Владата е малку одговорна воопшто нема да го води процесот понатаму кон уставни измени…Главна тема во референдумот која сака да ја наметне владата, не е Договорот, туку ВМРО-ДПМНЕ. „Тоа покажува дека е ова исклучително лош и капитулантски договор и сака сега и нас како партија да не извалка“.

Николовски подвлече дека Владата има намера да го извалка ВМРО-ДПМНЕ обидувајќи се да го натера да гласа за Договорот, но дека партијата од која тој доаѓа нема намера да влезе во сојуз со ликови како Бранко Црвенковски, Заев, Шеќеринска, Димитров.

Според Димитров мнозинството на граѓаните се „за“.

Се наближува денот на референдумот со впечатокот дека како поминуваше времето, така дебатата се префрлаше на лични напади меѓу двата политички кампуси. Се изнесуваа аргументи кои и не се аргументи, зашто на пример за Македонија одамна е овозможен пристап до пазар од 500 милиони со Договорот за стабилизација и асоцијација, така што овој договор фалшливо се пропагираше со пристапот до европскиот пазар. Имаше директен повик за купување гласови. Имаше изјави во форма на притисок од странски државници што само дополнително се фрли масло на жешката македонска тава.

Но, она што е најважно е што овој договор, а тоа ќе остане така и по референдумот, ја покажува длабоката поделеност на двата најголеми политички кампуси во однос на националните прашања. Тоа повлекува последици и во однос на идентитетското прашање кое со договорот се решаваат по пат на политички декрет и диктат од Грција. Останува и жалната идеолошка диоптрија кон македонската историја, според која за ВМРО-ДПМНЕ постои континуитет на македонската историја од антиката до денес, додека за СДСМ историјата почнува со Словените, а ова заедно со договорот секако дека во иднина ќе генерира последици.