Заменик министерот за образование, Петар Атанасов си поднесе оставка од функцијата. На неговиот фејсбук профил објави дека одлуката да го напушти министерството ја соопштил уште пред реконструкцијата, но вели „еве сега може и да се процесуира“.

Атанасовски пишува дека неговата позиција станува неодржлива и неефективна, а истовремено дава оставка и на сите дополнителни функции во Министерството за образование и во Владата.

Открива дека освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно, а промените во образованието кои ги навестувавле, не ги оствариле.

Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме“, пишува Атанасов на фејсбук.

Тој додава дека во МОН работел на повеќе прашања и проблеми и се обидел да се вклучи во што повеќе процеси, а открива и дека на самиот почеток не му било дозволено да формира тим со што ефектите од неговата работа би биле поголеми.

Атанасовски потенцира дека главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање на поквалитетна понуда за целото општество, не само за економијата, како и вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред се, на учениците.

Но за ова, најпрвин, треба да се промени филозофијата на целото образование. Еден закон, или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати. Пристапот мора да биде холистички, за што повеќе пати елаборирав во многубројните јавни настапи и интервјуа“, пишува Атанасов.

Во недостиг на простор и можност за поголеми промени во образованието, Атанасовски вели дека најголем дел од неговото време во изминатите 10 месеци го посветил на процесот за подготовка на „Националната стратегија за едно општество и интеркултурализам“.

Едно општество“ е мој концепт и визија за иднината на државата, кој беше вклучен во програмата на партијата, а потоа и во програмата на Владата. Заедно со неколку одлични соработници од повеќе институции влеговме во процес на градење на овој концепт за едно општество. Како што јавно говорев и аргументирав, во нашето општество паралелно се одвиваат два процеса поврзани со општествената (дез)интеграција. Едниот процес го форсира национализмот, етноцентризмот и изолацијата, додека другиот процес, концептот што ние го понудивме, во преден план ги става соработката, интеграцијата и заедништвото“, пишува заменик министерот за образование.

Атанасовски на крајот додава дека негова намера и лична желба е да се врати на академската кариера, затоа што, како што вели, револуцијата што ја покренавме почна да ги јаде сопствените деца.

Годинава навршувам 30 години професионална работа и професионални ангажмани во неколку клучни и различни сектори, исполнети со потраги по нови предизвици. За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија“, напиша Атанасов на неговиот фејсбук профил.

Професорот на крајот додава дека се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува.