Претседателот Стево Пендаровски во денешното обраќање до јавноста во врска со случајот рекет истакна дека е разочаран од однесувањето на Специјалната обвинителка Катица Јанева.

Од оваа позиција секогаш кога коментирам може да се сфати како притисок врз она што истражните органи треба да го работат, меѓутоа ќе ви одговорам како човек, да разочаран сум-истакна Пендоаровски.

Тој повика на темелна истрага во случајот „Рекет“ и оти јавноста е сведок на огромна криминална афера која ги тресе темелите на важни државни институции и ја доведува под прашање, уште повеќе од досега, довербата на граѓаните во политичарите и во сопствената држава

Јас, јавно, уште на самите почетоци на аферата Рекет” го кажав својот став дека сум разочаран од тоа што го слушнав и повикав на брза и темелна истрага. Наместо тоа, надлежните отидоа на годишен одмор како да се работи за редовна состојба и за рутински предмет, а, не е така. Аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда. Револтот кај граѓаните е огромен и сосема оправдан. И јас, како граѓанин, како човек, не само како претседател, сум разочаран затоа што се изневерени и моите очекувања и тоа најмногу од луѓето од кои очекуваме да се борат за правна држава“, рече претседателот.

Освен кривично-правната одговорност, посочи Пендаровски, доколку има друга, каква било поврзаност со случајот, во смисла на давање заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата.

Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти. Јавноста има право да ги знае нашите ставови, дури и ако се работи за најневеројатни конструкции или шпекулации произведени со нечесни намери“, рече претседателот Пендаровски.