Претседателот Стево Пендаровски смета дека нема аргументи за реакција од бугарска страна по неговата средба со здруженија на Македонците од Бугарија, затоа што, како што нагласи и од соопштението и од изјавите по средбата, можело да се заклучи дека во разговорите немало ништо што оди против Договорот од 2017 година.

Ако некому смета самата средба на претседател на државата со Македонци кои живеат било каде во светот, нагласи Пендаровски, тоа не е мој, не е наш проблем. Тој потенцира дека ги сослушал Македонците од Бугарија и ги упатил дека остварувањето на нивните права може да го направат само во рамки на државата во која живеат или преку меѓународните судови.

По средбата јас дадов и јавно соопштение, практично и коментар на тоа соопштение. Морам да ви кажам дека ме изненади затоа што во тоа соопштение (од Софија) освен констатација, немаше супстрат, немаше аргумент. Дали некому воопшто пречи самата средба затоа што од соопштенијата кои јас ги дадов, изјавите кои ги имавме јас и луѓето кои беа кај мене на средба произлегува за што сме зборувале и таму нема апсолутно ништо спорно, ниту една точка и запирка од изјавеното од моја и од страна на моите соговорници, не оди контра Договорот од 2017 година. Ако некому му пречи самата средба на претседателот на Република Cеверна Македонија со Македонци каде било од светот, тоа е друга работа и тоа не е мој проблем и не би требало да биде наш проблем, изјави Пендаровски во одговор на новинарско прашање по завршување на седницата на Советот за безбедност.

Тој нагласи дека нема никаква позадина во средбата и оти здружението ОМО „Илинден Пирин“ побарало да се види со него, а тој не ги одбил, како што претходно во изминатите две и пол години откако е на функцијата, како што вели, не одбил ниту здружение, ниту поединец кој сакал да се види со него.

Притоа, сум примал тука и Бугари граѓани на Република Cеверна Македонија, политички партии, здруженија на граѓани, поединци и не мислам дека има нешто лошо во тоа. Напротив, морам и ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега претседателот Радев во повеќе наврати прими граѓани на Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби. Се надевам дека и тој ќе продолжи со тие активности понатаму, бидејќи тоа може само да создаде атмосфера во која ќе се познаваме, подобро ќе си ги знаеме проблемите еден со друг, подобро и само во една таква атмосфера можеме да го надминеме овој проблем кој година и пол – две, практично ја блокира евроинтеграцијата на нашата земја, вели претседателот Пендаровски.

Тој појасни дека со Македонците од Бугарија разговарал за проблемите со кои тие се соочуваат во остварувањето на нивните права, но, оти за тоа ги упатил на државата во која живеат и на меѓународните судови.

Тоа е едно од прашањата кое го разговаравме со Македонците на самата средба. И на нивното директно прашање мојот одговор беше директен – сакам да ги чујам вашите маки, ако имате во иднина потреба повторно ќе се видиме, меѓутоа дека сега јас ќе им наложувам на бугарските институции, влада, држава, судови итн. да направат нешто во смисла на заштита на вашите права, тоа од мене немојте да го очекувате. Зошто? Затоа што за бугарските граѓани, за бугарските државјани се надлежни институциите на Република Бугарија. Ако не се задоволни, како што знаеме дека не се задоволни од тоа како ги реализираат своите човекови слободи и права, имате право да одите на меѓународните судови, имате 10-ина пресуди во странство, изјави Пендаровски.

Тој додаде дека по ниедно правило на меѓународното право тој не смее да се меша во заштитата на правата на бугарските државјани и граѓани.

Тоа е во согласност со Договорот од 2017 и обратното, за Бугарите кои живеат тука сум надлежен јас, македонската Влада, македонските институции, македонските судови. Ако не се задоволни од мене, од нас, одат во Стразбур или кај меѓународните организации кои се бават со заштита на човековите слободи и права. Тоа се правилата, истакна шефот на државата.

Шефот на државата истакна оти јасно им кажал оти може да ги лаже, да делува и да говори популистички, за да гради рејтинг во јавноста и да ветува дека може да им помогне да го направат она што не може да го направат.

Можев да им кажам – наместо бугарските институции, јас ќе ви ги овозможам тие права. Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм двојно со тие луѓе кои се прилично измачени во трагањето по своите човекови слободи и права децении наназад. Значи, моето овластување, надлежност од оваа позиција на која сум е до тука. Тоа го очекувам се разбира и од секој друг претседател на друга држава каде што живеат Македонци кои ќе сакаат да си ги остварат своите права. Тие институции таму се надлежни за нивните права – не јас, и обратно, рече Пендаровски во одговор на новинарско прашање за реакцијата на Бугарија на неговата средба со претставници на „ОМО Илинден Пирин“.