Нè интересира подобар животен стандард и да го сопреме иселувањето на младите кои со години беа просто терани да бегаат од својата земја. Со стапки на развој, како што докажуваат сите земји членки, ќе станеме дел од европското семејство – безбедно, богато и со среќни луѓе кои иднината ја гледаат во своите земји.

Брзи решенија на тој пат нема. Но оваа генерација македонски политичари не ви вели дека тоа ќе се реши за година или за две, ви вели дека нема друг пат како што тврди, за жал, се уште главната опозициска партија, истакна кандидатот за претседател од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски вечерва во Кавадарци.

Нагласи дека оваа коалиција заслужува уште една поддршка и уште една голема победа и дека по долги години се решени неколку проблеми со соседите, спорот за името, направена е конечна имплементација на Рамковниот договор. Лани беше година на интеграции, рече тој, оваа и следната се прогласени за економски години – економијата бележи раст, нови економски фондови и можности допрва доаѓаат. Загарантирани ни се границите и безбедноста со НАТО.