Зборувајќи за политиките во земјоделството пред жителите од лозарскиот крај, претседателот на СДСМ Зоран Заев рече дека исплатени се 110 милиони евра заостанати субвенции, и ги спомна долговите од Повардарие и од неколку други визби.

Сите ги исплативме. Стечајни постапки се отворија. И тие ги исплативме. Овие денови сите земјоделци повратија персонален данок на доход што поднесоа за поврат до еден милион денари што имаат приходи. Секој што во иднина ќе поднесе, има право на поврат на тој персонален данок. Четиристотини дваесет и четири грантови од по десет илјади евра само во областа на земјоделието доделивме оваа последна година. И продолжуваме понатаму… Знам дека не е задоволството комплетно за се, но никогаш досега порано немало вакви политики, рече Заев.

Тој зборуваше за интеграцијата и економските придобивки. Да се оди напред заедно, здружени. сплотени, тогаш има успех. Патот по кој сме тргнале е единствениот, рече Заев, повикувајќи на поддршка за Стево Пендаровски кој ќе биде претседател на сите.

Ги повика и опонентните зашто, рече, оваа е и нивна татковина.

 Сите сме должни да мислиме за татковината. Оти сите сме должни да мислиме за децата дома што ги имаме, за домот. Сите да се здружиме оти доста ни беа 27 години тапкање во место и шлапање во кал. За политики, економски прашања, здравствени политики, образовни политики, политики од областа на културата, на социјалната заштита… Можеме да бидеме различни, но за татковината треба да му ја мислиме сите. И да носиме одлуки сите. Затоа што секоја поединечна одлука зависи каква ќе ни биде иднината, наша заедничка, како народ, како нација, како држава, рече Заев и додаде дека ако  целиот свет го поздравува тоа што е сработено, значи дека е избран вистинскиот правец.

Затоа, порача лидерот на СДСМ, треба да се избере Пендаровски.

Ќе  имаме претседател со кој сите ќе се гордееме и сите ќе го доживееме тоа што го посакуваме – добра земја што чекори напред во НАТО, во Европската Унија, со економски стандард, нагласи Заев пред граѓаните на Кавадарци.