Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, објави видео на неговиот Фејсбук профил во кое наведува дека врши проверка на имплементацијата на проектите кои се спроведуваат со средства од ИПА-програмата.

На видеото на неговиот Фејсбук профил е прикажано како првиот човек на Секретаријатот за европски прашања спроведува мониторинг на новоизградениот царински терминал на граничниот премин Македонија – Албанија.

Османи во видеото вели дека околу 1,2 милијарди евра даночните обврзници на Европската Унија ги даваат како неповратни средства за Македонија од 2007 до 2020 за конкретни проекти што ќе ги изградат институциите, но и ќе го трансформираат општеството во европско општество.

– Како национален координатор за овие средства од ЕУ, мојата улога е да ги програмирам, да ги мониторирам и да ги надгледувам проектите кои се имплементирани преку овие средства. Денеска сум во Струга, Ќафасан, за да мониторирам и да извршам надзор на еден значаен проект на изградба на царински терминал на граничниот премин С. Македонија – Албанија изграден токму со овие средства, со околу еден милион евра од ИПА-средствата создаваме услови за еден современ стоп шоп меѓу С. Македонија и Албанија, посочи вицепремиерот за европски прашања.

Како што објавивме неодамна, Османи самоиницијативно за времена на викенд вршеше инспекција на јавни институции во Република Македонија и ги посочуваше, исто така во приватно видео, тие што не поставиле двојазични табли и на албански јазик.