Од денес мојата нација е многу посилна, истакна Никола Димитров, министерот за надворешни работи на Република Македонија на чинот на потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО денес во Брисел.
Користејќи ја химната на навивачите на англискиот фудбалски клуб Ливерпул тој на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг порача:„Ние никогаш повеќе нема да бидеме сами“ (We will never walk alone again).
Шефот на македонската дипломатија кажа дека „ова беше долг пат што пред многу години го почнавме со уште девет земји, познат како Вилнус процес, и потоа додаде дека Република Македонија наскоро, со стапувањето во сила на уставните измени, ќе стане Северна Македонија.
„Со ова ја исполнуваме стратегиската цел на нашите предци, членство во НАТО. Ова е резултат на работа на многу генерации и должност на нашата генерација“, рече Димитров.
Шефот на македонската дипломатија рече дека би било полесно да не се постигнеше договорот, или да се останело закопани во рововите на историјата и притоа тој го истакна значењето на лидерствотото и носењето одлуки земајќи една од клучните реченицци во филмот „Лоренс од Арабија“:„Ништо не е напишано, додека тие тоа не го напишат“.
Според него, ова не било лесно да се постигне, но, сепак, оваа генерација успеа со договорот меѓу премиерите Заев и Ципрас, како и со поддршката од бугарскиот премиер Бојко Борисов и потпишаниот Договор за добрососедство.
-За нас членството во НАТО е преминување на страната на сигурноста, тоа прашање на сигурност, стабилност, вредности и граѓански слободи, додаде Димитров.
На крајот Димитров објасни дека „патот што го изминавме не направи позрели. Ги решивме сите проблеми со соседите и тоа во регион што се уште се соочува со одредени несигурности. Патот не е завршен, но сакаме да го одиме заедно. Македонија ќе ги исполни реформите што ги вети. Од денеска мојата земја станува навистина силна, при што им се заблагодари на сите амбасдори на земјите членки кои денеска ставија потпис на Протоколот.
Comments are closed for this post.