Јавен обвинител од скопското Обвинителство е на местото на незгодата и врши увид, соопштија од Обвинителството. Оттаму потврдуваат дека автобусот е сопственост на фирмата „Дурмо турс“. Од Обвинителството соопштија дека автобусот ќе се извлекува утре, а од возачот на автобусот кој е хоспитализиран ќе се зема крв и урина за анализа.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје врши увид на лице место на тешката сообраќајна несреќа која се случи на автопатот Скопје – Тетово и во која до овој момент 13 лица го загубија животот, а повеќемина се повредени.
Според првичните информации од увидот, несреќата се случила попладнево кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ со гостиварски регистарски таблици преминал преку заштитната ограда на спротивна страна од автопатот, потоа излетал од патот и се превртел во близина на селото Ласкарци.
Во насока на утврдување на причините за несреќата, јавниот обвинител ќе издаде наредби за обдукција на починатите лица, како и за вонреден технички преглед на возилото. Во текот на ноќта местото на несреќата ќе биде обезбедено, а увидот и извлекувањето на автобусот ќе продолжи во текот на утрешниот ден.
Возачот на автобусот е повреден и хоспитализиран, а од страна на надлежен јавен обвинител е издадена наредба за анализа на крв и урина.“, стои во соопштениот од Обвинителството.
Comments are closed for this post.