Кривичниот суд ќе се обрати до републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, тој да се произнесе кое обвинителство е надлежно за предметите на СЈО, по спорното начелно правно мислење на Врховниот суд.

Од обвинителот Јовески ќе се побара и тој да иницира автентично толкување на членот 22 од Законот за СЈО во Собранието.

„Воедно, судот бара Државниот јавен обвинител да иницира автентично толкување на член 22 од Законот за СЈО од Собранието на Р.Македонија, бидејќи само законодавецот може да даде автентично толкување на Законите“ се вели во соопштението на Кривичен суд, пренесува Фокус.

Се’ до произнесување на Државниот јавен обвинител дали предметите ќе останат во надлежност на СЈО или ќе бидат преземени од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, Основниот суд Скопје 1 – Скопје во сите предмети постапува согласно одредбите од ЗКП, а за предметите на СЈО добиени по истекот на рокот за кој мислење даде Врховниот суд на Р.Македонија, кои се итни и неодложни ќе одлучуваат надлежните кривични совети, се со цел да не дојде до непотребно одолговлекување, се вели во соопштението.