Претседателот на бугарскиот дел од заедничката мешовита македонско-бугарска комисија за прашањата од историјата и за учебниците, проф.Ангел Димитров, смета дека претстојната средба закажана за 19 и 20 февруари во Скопје, ќе биде многу важна и ќе биде проверка за тоа дали штотуку завршената посета на премиерот Зоран Заев на Софија е реален знак на благодарност и подготвеност за соработка по пат на зближување.

Во гостувањето на утринската емисија на bТВ новините, Димитров, меѓу другото, изјави дека „тоа што Гоце Делчев е Бугарин и дел од нашата емотивна приврзаност кон борбите во Македонија, некогашните  национално-ослободителни борби, не и го одзема правото на Република Македонија да го смета и како свој национален херој“. Тоа, според него, не е предавање на личноста на Гоце Делчев.

Димитров оцени дека има напредок во работата на заедничката комисија, иако тој е со мали чекори, но секој чекор е корисен. На прашањето како реагираат македонските претставници кога бугарските ќе им кажат дека цар Самоил бил Бугарин, тој одговори:

Следува загриженост од македонска страна да не дозволат се до крај. Зашто, на нашата претходна средба ние стигнавме до заеднички заклучок дека цар Самоил е претставник на бугарската владетелска традиција, но тоа што беше голем проблем за нашите колеги е да признаат дека самата држава е бугарска. Тие многу сакаа да биде една имагинарна држава во која живеат многу народности, така што да не се става тој национален знак.

Според Димитров, тоа не е аргумент, туку неуспешен обид да се излезе од признавањето на историските факти.