Новите мерки во борбата против коронавирусот денеска ќе се најдат на седници на Владата и на Собранието.
Владата треба да расправа за воведување на следните мерки – сите економски оператори да работат до 23 часот, капацитетот во јавниот превоз да се ограничи на 50 отсто, да се забранат јавни настани и да се даде препорака до целата државна и јавна администрација, до општините и судовите, да ја организираат работата во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации.
Ова е пакетот мерки кои вчера ги најави министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека ова е последниот чекор пред воведување полициски час.
Собранието, пак, ќе расправа за претходните рестриктивни мерки кои веќе се усвоени на владина седница. За да стапат на сила овие мерки треба да се направат измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.
Овој пакет се состои од три мерки: задолжително носење маски на отворено, ограничување на групирањето по 22 часот надвор на максимум четири лица и ограничување на семејните собири односно едно семејство да смее да прими најмногу четири гости.
Comments are closed for this post.