14.000 деца од внатрешноста и 3.500 од Скопје се уште треба да примат доза МРП. Епидемијата на цела територија трае веќе десет дена, а новозаболени има секој ден, соопштија од Институтот за јавно здравје.
Три четвртини од новите случаи во минатата недела, немале примено вакцина
„Заклучно со денешниот ден до Институтот за јавно здравје пристигнаа 95 пријави за нови случаи на мали сипаници. Најголем број од заболените од пријавените се од Скопје, значи 60, а останатите се од другите градови.“ кажа Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
Од ИЈЗ велат дека секаде во државата се одвива теренската вакцинација во училиштата, но засега слаб е одзивот на родителите.
„Се уште треба да се засили мерката за вакцинација, пред се кај предучилишните деца надвор од Скопје. Таму се уште имаме поголем дел од оние кои подлежат на вакцинација, но не се вакцинирани. Во Скопје со прогласувањето на епидемијата и со засилените мерки веќе 80% од пронајдените деца коишто не се вакцинирани се веќе вакцинирани. Меѓутоа сепак остануваат уште 3500 деца во Скопје коишто треба да се вакцинираат.“ кажа Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
Заразени од морбили има во 21 град. Досега од мали сипаници заболеле 1175 лица. Најмногу се над 30 години, но има и 200 деца до 4 годишна возраст.
Comments are closed for this post.