Освен за фестивалот „Златно Славејче“, во чија пријава првично било констатирано дека не е наведено местото на одржување, комисијата која по втор пат ги разгледува одбиените од годишните конкурси на Министерството за култура не забележала други пропусти при носењето на првичните одлуки.

Претседателот на Комисијата за музика, музичко сценска дејност и фолклор, Плеурат Гаши рече дека медиумите неправедно ја обвинуваат комисијата која работи по закон. Додаде дека „човечки е да се згреши“, но дека најголемиот проблем им го создале големите фестивали.

Како пример го посочи „Скопскиот џез фестивал“, за кој до комисијата не била понудена програма, потврда од учесници, планиран буџет, ниту пак простор каде ќе се одржи.

Дополнително, претседателот на комисијата откри дека во име на големината на фестивалот, од директорот било побарано да ги докомплетира документите, но како што посочи Гаши, Белопета останал глув на нивните барања.

И Комисијата за Драмска дејност не забележала неправилности при повторното разгледување на одбиените апликанти. Посочија дека цврсто стојат зад одлуките и остануваат на истите ставови.

За незадоволните 10 театри и центри за култура , кои очекуваат средба со премиерот Заев, од комисијата за Драмска дејност рекоа дека се отворени да најдат заеднички решенија, правдајќи се дека „буџетот е тој“ имајќи предвид дека од истите пари се исплаќаат хонорарците вработени во новоотворениот театар во Гостивар.

Својата работа ја заврши и Комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн. И таму не биле констатирани грешки. Претседателката Медине Хоџи, рече дека поголемиот дел од одбиените се заради некомплетна документација, а од друга страна и заради новитетите од годинава во однос на бодирањето на проектите.

Претставниците на комиисиите, кои денеска брифираа за текот на работата, едногласни дека останува да се чека на Министерот за култура Асеф Адеми дали за некои од одбиените ќе биде даден дополнителен рок да се докомплетираат и достават потребните документи.

Одлуката повторно да се разгледуваат апликациите беше побарана од министерот за култура Асаф Адеми по реакциите во јавноста за резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година.