Додека медиумите и јавноста се преукупирани со тоа на кој начин поранешниот премиер Никола Груевски дошол во Унгарија, незабележително и без внимание се протнаа далеку позначајни работи од кои е засегнат обичниот граѓанин.

За само една недела, набрзина е усвоен ребалансот на буџетот, како и предлог-буџетот за 2019 година.

Во предлогот, Владата предвиде во 2019-та јавниот долг да порасне за 600 милиони евра, односно од 48 отсто да надмине 54 проценти од БДП.

Ребаланс за 2018та носиме на неполни два месеци пред истекот на годината со цел  да им се помогне на општините да се одглават. Владата ќе им прости скоро 50 милиони евра на општините кои се заглавени. Но во најголем дел реакциите  се дека ова не е помош, туку дека на ваков начин само се толерира неодговорното работење.

Не помало изненадување предизвика предлогот од партиите сегашниот состав на Државната изборна комисија која е составена исклучиво од партиски кадри да и биде продолжен мандатот за уште две години. ДИК ќе остане во истиот состав и покрај забелешките на Прибе дека таа мора да биде составена од професионалци, а не од партиски кадри.

Пописот кој во Македонија се нема случено од 2002 година, според најавите на Апостол Симовски, Директор на Заводот за статистика, ќе биде без прашање за етничка и верска припадност.

Набрзина беа избрани и шефови на обвинителства. Процесот кој со месеци се влечкаше и одложуваше, сега преку ноќ се реши. Половина година поради несогласувања помеѓу коалиционите партнери, како што пишуваа некои медиуми останаа празни позициите во неколку важни обвинителства.

Но пред два дена на седница на Советот на јавни обвинители беа избрани и  шефови на скопското вишо обвинителство, Мустафа Хајрулахи, во гостиварскто вишо обвинителство Ислам Абази, за велешкото основно обвинителство Гордана Тодорова, Елизабета Мишева во Кавадарци и Лиле Талевска за прв човек на битолското основно обвинителство.

Вилма Русковска, обвинителката која го води случајот „27 април”, пак е избрана за нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Скопје.

Незадоволство кај граѓаните предизвика и новиот предлог закон за сообраќај со кој се предвидени налепници за сите автомобили според тоа колку загадуваат. Но бегството на Груевски, потрагата по него, отворање на гепеци и подруми, одење дома кај екс премиерот само го фрли во сенка ова прашање, кое всушност ќе удри по џебот на граѓаните.  Налепниците  ќе треба да ги плаќаме сами.

Сепак, најважното треба да се случува на почетокот на следната година, кога треба да финишира со измена на Уставот и промена на уставното име. На први декември треба да започне втората фаза од промена на Уставот, по што следи и третата, финална фаза по што името на нашата земја ќе биде променето во „Република Северна Македонија“.

Додека јавноста беше преокупирана дали Груевски ќе се појави во затворот во Шутка, експресно поминаa четирите уставни амандмани.