На почетокот на денешното рочиште за случајот „Насилство во Центар“, судот донесе одлука на обвинетиот, Никола Груевски, кој избега во Унгарија, да му се суди во отсуство.

Судијата Душан Јосифов, кажа дека обвинетиот Никола Груевски не е присутен, и дека добиле известување дека не е достапен на полицијата.

Обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека постојат важни причини да му се суди во отсуство на обвинението Никола Груевски.

Се работи за обвинителен предлог поднесен пред две години за дејствија пред повеќе години, како и предмет со повеќе сведоци. Исто така, воопшто не е извесно кога Груевски ќе биде доатапен да му се суди во присуство. Предлагам да му се суди во отсуство, рече Фетаи.

Дополнително, Фетаи побара на Груевски да му биде одредена и мерка притвор и за оваа постапка.

Адвокатот Димитар Дангов, предлогот го отфрли како неоснован.

Нашето МВР во контакт со МВР на Унгарија може да го направи обидот за негов повик, со цел да биде достапен за оваа постапка. Неспорно е дека Груевски е во Унгарија каде бара политички азил. Одбраната смета дека Груевски е достапен на органите на прогон, односно позната е неговата адреса на престој и во поширока смисла на збор, тој е достапен и поради распишаната меѓународна потерница. Груевски одлучил да побара политички азил и од тука не постои бегство и одлука да се крие од Македонија, туку користење на право за барање на азил. Оттука не се исполнети условите за судење во отсуство и бараме само раздвојување на постапката – изјави Дангов.

Во судница се присутни останатите обвинети, меѓу кои и екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој со полициско обезбедување беше донесен од притвор.

Груевски и Јанакиески, заедно со повеќе лица се обвинети за насилствата вон општина Центар во 2013 година.

Денешното рочиште продолжи со сослушување на сведок, кој во 2013 година бил вработен како обезбедување во општина Центар.