Нереформираната РС Македонија денес се претвора во Тројански коњ на Србија и Русија во НАТО, а нејзина желба е истата улога да ја игра и во Европската унија.

Ова, меѓу другото, во авторски текст со наслов „Вистината за Македонија не може вечно да се крие“ во софиски “Труд“ го пишува доц.д-р Спас Ташев, од Институтот за историја при БАН.

Текстот, всушност, е посветена на т.н. „Бела книга за јазичниот спор меѓу Македонија и Бугарија“, што како проект на невладината организација Бугарска национална платформа е отпечатена со помош на доброволни донации. Авторот наведува дека на 11 мај „Книгата“ била доставена до 70 амбасади и други странски претставништва во Софија.

-Изданието беше доставено со пропратно писмо во кое се истакнува дека книгата открива непознати за странските граѓани факти како масовниот целосен фалсификат, што од 1945 година до денес се прави во Скопје, систематската пропагандна кампања, што се води против бугарскиот народ, и во таа смисла и нарушувањето на човечките права на оние северномакедонски граѓани, кои наспроти репресиите ја сочувале својата бугарска свест, пишува Ташев, додавајќи дека „властите во Скопје продолжуваат со таа бивша југословенска политика“.

Новиот бугарски бисер доаѓа непосредно по очигледната промена во приодот на Софија околу спорот со Македонија, што официјалноја највија бугарскиот постојан претставник во ЕУ, амбасадорот Димитар Цанчев, и членот на мешовитата македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, Кирил Топалов. Обајцата во своите настапи користеа речиси копи-пејст формулација.

-За прв пат имаме земја кандидат за член, која истакнува дека сака да стане дел од ЕУ без да се откаже од својата државотворна идеологија од времето на комунизмот. За прв пат имаме земја кандидат за член, која истакнува дека не се чувствува должна да ги спроведува договорите, коишто ги потпишала со држава-членка на ЕУ, изјави Цончев на последната седница на Советот за општи прашања во Брисел.

Очигледна е намерата на македонизмот и на Македонците да им се наметне идеолошка комунистичка одредница, во бугарското настојување да ги одвојат од македонската државност стекната со Втората светска војна. Ова пресликано на друг пример би значело дека милионски бројните Курди, кои до ден денес немаат своја држава, ако еден ден ја стекнат, Ирачаните, Турците или Сиријците ќе треба да инсистираат на тоа дека тие претходно биле Ирачани, Турци или Сиријци и само од идеолошки причини сакаат своја државност!

Сосема друга димензија има импутацијата дека Македонија нема расчистено со своето комунистичко минато, што донекаде и може да се смета како точно. Но, тоа да се поврзува со државотворноста е само по себе апсурд. Дотолку повеќе што и самите бугарски општественици отворено говорат дека половина Бугари денес се прозападно, а другата половина проруски ориентирани.