Министерството за здравство и специјалниот Оперативен тим за втората фаза на имунизацијата на бизнис заедницата во нашата држава формирана од Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, ги известија бизнисмените дека е постигнат договор да се реализира организирано вакцинирање на бизнис секторот со цел во одреден период да се достигне доволна бројка на вакцинирани лица во државата во насока на стекнување колективен имунитет на национално ниво.

Во известувањето стои дека најдоцна до 17 мај односно до понеделник треба да се подготват листи на заинтересирани лица за вакцинирање. Имунизацијата ќе се одвива на вакциналните пунктови во Скопје, Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Тетово и Охрид.

„Во тек е постапка за изработка на посебен апликација за аплицирање за вакцинација на вработените во деловниот сектор. Инаку приоритетна група на вработени се вработените кои работат во поголема група во една иста просторија, како погон, магацин, потоа угостителско туристичкиот сектор; јавен транспорт и продавачи во малопродажните трговски објекти.

Листата на приоритетни дејности и работни позиции ќе се надградува согласно во координација со надлежните институции.

Вакцинацијата ќе оди со тековно – достапните вакцини обезбедени од страна на Министерството за здравство, достапни за сите граѓани, а во моментов истите се однесуваат само на вакцинирање со кинеската вакцина „СИНОФАРМ“ до расположливите количини.