На еден ден пред завршувањето на кампањата за претседателските избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Алесандар Николоски денес одржа прес-конференција, за, како што кажа „е практично предупредување за она што ќе следува во следниот период во Република Македонија“.
Тој рече дека желбата за интеграција во ЕУ е основна и за истата има консензус помеѓу сите македонски граѓани, но за жал во изминатиот период истата беше блокирана пред се и најмногу заради грчкото вето.
„Знаете дека години наназад имавме позитивни препораки за почеток на преговори од 2008 година, но истите не почнуваа заради грчкото вето. За жал, во последниве две години се случува обратен феномен, а тоа е и покрај капитулантскиот договор од Преспа, со кој што Владата се обиде да го реши спорот за името, сепак минатата година немаше датум за почеток на преговори со ЕУ. Тогаш владата вети дека ќе има овој јуни. Денес на сите им станува јасно дека и овој јуни датум за почеток на преговори со ЕУ нема да има. За жал нема да има. Велиме за жал затоа што тоа е на штета на цела држава и на сите граѓани на Република Македонија“, рече Николоски.
Според него, тоа е така затоа што нема реформи во клучните области -тоа се правосудни реформи, борба против организиран криминал и корупција вклучително и на високо ниво и реформи во разузнавањето и безбедносните структури, како и реформа на јавната администрација.
„За жал скоро година дена подоцна тие реформи не се случуваат и затоа е многу извесно дека во јуни Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. Сите други одговори се само изговори. Сакам да истакнам овдека дека и минатата година во април месец предупредивме дека дури и да се реши спорот за името Македонија нема да добие датум за преговори и нема да почне преговори затоа што нема реформи. Тогаш го имаше оној смешен план 3-6-9 кој што беше полн со се она освен со реформи. И на крај завршивме во иста група со Албанија. Значи од држава која што беше во група со Словенија и со Хрватска завршивме во иста група со Албанија“, истакна Николоски.
Тој потсети дека се оствариле неговите предупредувања за „црни сценарија“ и оти Македонија нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.
„Затоа е потребно оваа влада час поскоро да си замине, затоа што се покажа дека во овие две години нема ни капацитет, ни волја да спроведе реформи. Нема капацитет затоа што нема кадри кои што ќе може да ги спроведе реформите, а нема волја затоа што овие реформи пред се треба да го зафатат Заев и најблиските околу него. Затоа што се во области кои што се најпроблематични за Заев, а тоа е јавната администрација во која што цвета непотизмот, тоа е корупцијата односно борбата со корупција која што галопирачки расте во Република Македонија пред се на луѓе блиски до Заев и на луѓе од владата. Тоа се реформите во правосудството кои што за жал не ги гледаме и сето ова на купче ставено покрај немањето капацитет и значи немање волја на реформи“, истакна Николоски и додаде дека од тие причини е потребно оваа влада час поскоро да замине затоа што ако не замине и следната 2020 година Република Македонија ќе ја испушти.
„Затоа ги повикувам сите граѓани на Република Македонија да ја подржат Гордана Сиљановска Давкова на 5-ти мај, затоа што победата на Гордана на 5-ти мај ќе значи пад на оваа влада, брзи предвремени избори и формирање на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која што ќе се зафати со овие реформи, ќе ги испорача, ќе го подобри животот на граѓаните и се надевам дека на крајот на годината ќе може да имаме позитивни вести за членството на Македонија во ЕУ“, повика поттпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Две круши плус 2 јаболка не се четири
На прашањето дали имаат некоја порака до Алијанса за Албанците и Беса, Николоски рече дека тоа се однесува пред се на гласачите.
-Сметам дека овие избори покажаа дека во Република Македонија годините на демократија и самостојност во најпозитивна смисла си го прават своето односно дека граѓаните се се повеќе едуцирани во однос на своите политички определби и никој веќе гласачите не може да ги каже дека ги има кај себе и може да му ги даде на некој друг. Тоа е завршено во македонската политика. Тоа не го сфатија Заев и Пендаровски, не сфатија дека во политиката две круши и две јаболка не се 4 било што и дека едноставно не може така да се собираат работи. Во однос на оние коишто го подржаа професорот Река, имаше од сите делови на државата. Јас би сакал да им честитам на изборот, лично сметам дека професорот Река имаше солидна кампања во којашто добро се претстави. Најголем дел од нив знам дека се гладни за правда, затоа што и тој зборуваше за правда како што зборуваше и професорката Сиљановска, а сите знам дека сакаат оваа влада да падне, затоа што гласаа за кандидат којшто беше предложен од опозицијата и затоа сметам дека професорката Сиљановска е соодветно решение за гласање во вториот круг и ги повикувам да ја разгледаат нејзината програма, да ја прочитаат и да видат дека заедничката желба за правда ја има кај сите оние којшто гласаа и за неа и за Река, а мотивот да падне оваа власт е навистина голем затоа што промени се потребни во Македонија, вклучително и за ова што го зборував до сега, а тоа почеток на преговори со ЕУ, коишто за жал две години со ред не се случуваат, тука професорот Река е апсолутно експерт и има со што да се пофали имајќи предвид дека беше македонски амбасадор во Брисел кога Македонија прв пат доби препорака за почеток на преговори нешто што за жал денес не се случува.
Победа со 30.000 разлика
0 Дали постои можност за дополнителна мобилизација на неопределените гласачи, и на оние кои што се разочарани и од едната и од другата партија за да излезат за да бидат успешни изборите на некој начин да биде исполнет цензусот?
– Можам да ви кажам дека помеѓу двата круга во овие денови на кампања ние сме насекаде низ државата како што гледате и од нашите активности има една силна мобилизација на гласачкото тело. Можам да ви кажам дека има една ерупција од емоции кои што се главно насочени кон опозицијата кон Гордана Сиљановска Давкова и сметам дека во вториот круг ќе порасне излезеноста и сметам дека тоа ќе е фактор кој што ќе и ја донесе победата на Гордана Сиљановска Давкова. Како што и сметам дека ќе се намали бројот на неважечки ливчиња во овој втор круг затоа што да бидеме реални луѓето беа под притисок особено во помалите средини не секаде избирачките места се по 1.000 избирачи колку што е максимум во Државната изборна комисија, па да не се знае кој за кого гласал . Има избирачки места и со 20 и со 30 и со 50 избирачи. Отприлика се знаат луѓето кој за која политичка определба е и беа притискани да гласаат за Стево Пендаровски. Не сакајќи да го направат тоа дел решија да останат дома, а другиот дел решија да излезат и да ги поништат ливчињата. Сега кога гледаат дека Гордана Сиљановска Давкова победува дека оваа власт паѓа и практично уцените и заканите на власта насочени кон нив веќе не допираат затоа што нема ни начин власта да ги реализира. Очекуваме да поддршката за Гордана Сиљановска Давкова да драстично порасне помеѓу двата круга. Јас дадов едно предвидување вчера ќе го повторам денес очекувам, победа на Сиљановска со 30.000 илјади гласа разлика.
Comments are closed for this post.