Колку точно дрога заплени полицијата пред две недели во полициската акција на неколку локации во скопско, засега останува непознато. Од Обвинителството велат дека се уште со крим-техничко вештачење се утврдува количината и квалитетот на кокаинот.

Во меѓувреме потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, вели дека дрогата секогаш ја имало во Македонија, како што ја има и во светот, но предупредува дека дрогата никогаш не била пораспространета и подостапна од сега.

 Затоа што има многу понуда, е поевтина! Тоа го убива нашиот народ. Проблемот е толку голем, дрогата е толку распространета што таква акција треба да се спроведе во секој средно голем град во државава, а во Скопје секој викенд буквално. Паралелно со тоа треба силна едукативна кампања која би почнувала уште од основно образование, истата да продолжи во средно и на факултетите, кампањата треба да ја има и во медиумите, како и онаму каде што се излегува. Кампањата мора да е силна и јасна. Во минатото такви кампањи имаше. За жал, сега ги нема, пишува во својата последна колумна Николоски.

Николоски вели и дека подолг период јавноста не слушнала дека на некој граничен премин била запленета поголема пратка на дрога. Тој порачува ако некој од Владата смета дека тој претерува со она што го пишува, неколку вечери да излезе во било кој ноќен клуб и се ќе му биде јасно. Николоски вели и дека не е случајно што порано најмногу луѓе имало околу шанковите, а сега најмногу луѓе има кон тоалетите.

„Низ неуспехот за силна и одлучна борба со нелегалната трговија со дрога практично и на дело се покажува целата неспособност на Заев и владата која ја води. Нема ниту капацитет ниту човечки и кадровски потенцијал кој може да се справи со ова, или можеби не сака! Затоа што логично е да се постави прашањето дали можеби некој во власта е дел од нелегалниот бизнис со дрога ако толку многу ја има, а власта не прави ништо да ја сузбие. Нека биде ова фрлена ракавица од мене и нека проба Владата со своите активности да ме демантира“, посочува Николоски.