Согласно условите во Договорот, од Советот за безбедност и од генералниот секретар на ООН се бара само да го потврдат неговото стапување во сила. Следствено, нема начин Русија да го оспори Договорот, пишува грчки „Катимерини“ во подолг текст посветен на Договорот од Преспа. Во него, се дадени деветте најчесто поставувани прашања и нивните одговори поврзани со Договорот од Преспа.

Така, изданието ги наведува прашањата како е поврзан Договорот со кандидатурата на БЈРМ за присоединување кон НАТО, може ли Русија да стави вето на Договорот во Советот за безбедност на ООН, може ли Договорот да биде анулиран во Грција од идната влада на Нова демократија, која изрази несогласување со него, што добива Грција од Договорот, дали Договорот отвора нови економски можности за Грција, што губи Грција како резултат на Договорот, зошто одредбите за националност и јазик се сметаат за толку големи порази, можно ли е навистина Грција да се бори со иредентизам и на крајот, можно ли е постоењето на „Северна Македонија“ да претставува опасност за Грција.

Давајќи одговор на прашањето за националноста и јазикот, весникот пишува:„Независно од тоа колку е јасно дека историското наследство на античка Македонија-кое е грчко-се разликува од историјата на географскиот регион на север од грчка Македонија, националноста и јазикот, определени со договорот, изгледа даваат можност на словено-говорното население на БЈРМ да се смета за дел од македонската нација. Во таа смисла критичарите тврдат дека договорот официјално утврдува, признавајќи го „македонскиот“ јазик и „македонската“ националност“, дека Македонија не е само грчка, туку мултиетничка. Наспроти тврдењата дека Грција го прифатила „македонскиот“ јазик во 1977 година, на Конференцијата на ООН за стандардизација на географските имиња, факт е дека единственото нешто што е признато во тоа време е „македоно-кирилицата“. На крајот на краиштата, ако македонскиот јазик бил навистина признат во 1977 година, тој не би бил толку критичен момент на раздор од 1992 г. до денес“.