Вкупно 251 писател, режисер, уметник, новинар, музичар, професор, културни работници се потпишани во писмото упатено до претседателот на Владата Зоран Заев во кое му порачуваат да не се менува раководната структура во Младинскиот културен центар (МКЦ). Тие се загрижени поради најавените промени, барајќи од сегашната власт да не ја менуваат докажано успешната раководна структура на оваа институција која подолго време претставува бедем на независната културна сцена во главниот град.
Менувањето на раководната стурктура на МКЦ беше одложено за по претседателските избори. Уште пред изборите, на социјалните мрежи голем број уметници и граѓани го изразија својот став преку хаштагот #НеГоЧепкајтеМКЦ. Со тоа, ова писмо е втор граѓански апел раководната структура на Младинскиот културен центар да не се менува.
„Речиси една деценија МКЦ е дом и обединувачки фактор на македонската независна културна сцена. Тој е единствен простор каде што скопската и македонската алтернативна младина добива шанса уметнички и општествено да се изрази без да е обременета со комерцијални стеги.
Континуитетот и развојот на МКЦ во последнава декада, но и реализацијата на програмските предизвици, е без преседан во современа Македонија, од осамостојувањето до денес. Конечно, МКЦ Скопје е една од ретките јавни институции, ако не и единствена, која комплетно успешно и без никаква злоупотреба си ја извршува својата работа.
Затоа господине претседател на Владата на РСМ, упатуваме силен апел до Вас, МКЦ Скопје да биде одминат од вашата „метла” овојпат. Причината е едноставна: не се уништува она што функционира. Факт е дека моменталниот ВД директор, господинот Русе Арсов, е поникнат во МКЦ и најголем дел од неговиот работен век го помина во оваа институција.
Неговото искуство и суштинско познавање на независната сцена и култура, неговата отворена и непречена поддршка кон културните работници, како и неговата соработка со успешниот тим на МКЦ се суштествени за продолжувањето на добрата работа на оваа институција. Континуираниот процес на работа е од есенцијално значење не само за македонската култура, туку и за општиот развој на вредностите на нашата општествена сцена.
Да не бидеме сфатени погрешно, ова не е е негативна пропаганда кон господинот Арбен Шаќири, кој деновиве веќе отворено ја прославува новата функција (директорско место во МКЦ Скопје). За него имаме максимална почит како музичар кој повеќе децении работи и опстојува во земја како Македонија. Но повеќе од очигледно е дека господинот Шаќири го нема ни оддалеку потребното искуство да раководи со институција која се занимава со комплексните потреби на независната сцена, чиј дел тој не е, ниту пак кога било имал интерес да биде“, стои, меѓу другото во писамото.
Comments are closed for this post.