Раководството на ВМРО-ДПМНЕ е поставено како внатрешен непријател на Република Македонија и на народот. И додека оваа партија не се реформира, никогаш нема да дозволиме да се врати на власт.

Ова, меѓу другото, го порача од изборниот митинг во скопската Општина Карпош, премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев.

Кратка, но содржински исклучително јасна порака со која премиерот ни кажува дека наместо на психијатар, како што му предложија момчињата од Могилата на непобедените во Прилеп, одлучил да ни докаже дека УДБА му е негова судба. Зашто, од тоталитарниот занес во кој влегол, тешко дека ќе може така лесно да излезе.

Создавањето внатрешни непријатели е типичен пример на секое тоталитарно општество, од наци-фашистичкото на Хитлер и Мусолини, до болшевичкото, комунистичко на Сталин. И како такви, тие се осудени од целиот прогресивен свет, а на европскиот континент тоа е сторено со две посебни резолуции на Парламентарното собрание на Советот на Европа со кои, што е посебно важно, тие се изедначуваат. За жал, Македонија ја прифати само едената, а не двете. Не смогна сили да го осуди комунизмот, а цената за тоа ја плаќаме до ден денес и се уште ќе ја плаќаме.

Во контекст на целата изборна кампања, според пораките што ги испраќа, излегува дека на премиерот Зоран Заев поголеми (внатрешни) непријатели му се претседателот и потпретседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Александар Николоски, отколку тоталитаризмот на Сталин и на бугарскиот „цар ослободител Борис III“ или последниот лидер на историското ВМРО, Иван Ванчо Михајлов!?

„Ставање во служба на туѓи државни интереси“ и „внатрешните непријатели на државата„ се двете основни фрази или двата столба врз кои почивал, на пример, сталинизмот. И користејќи ги нив, тајните служби, што ќе рече и УДБ-а, и тоа не само сојузната, туку и македонската, ја контролирала и одржувала еднопартиската власт. А, инкриминираните се знае како и каде завршувале. Завршувале со истребување по разно-разни гулази, голи отоци, канцери…Цели семејства, баби, дедовци, мајки, татковци, деца…Така била пишувана цела една историја на „предавници“ и „кодоши“.

Откако ги прогласи за внатрешни непријатели на државата и народот, сега премиерот Заев треба да преземе чекори за нивно апсење, а подобното обвинителство да подготви соодветно обвинение.

Урнекот е познат и оди вака:„Јавниот обвинител на СР Македонија покренува обвинителен акт против Христијан Мицкоски и Александар Николоски поради формирање терористичка ВМРО, со центар и ограноци; формирање оружена банда за борба против народната власт, ширење пропаганда како ФНРЈ ќе биде распарчена и ќе се створела некаква Самостојна Македонија на која на чело ќе биде познатиот терорист Ванчо Михајлов, а која би била под протекторатот на Англо-Американците…“.

Пресудата на судот ќе биде однапред позната и само про-форма ќе биде прочитана на последниот ден од судењето: „Смрт со застрелување“!

Кој е премиерот Заев да цени и оценува дали ВМРО-ДПМНЕ е реформирана или не!? Кој е премиерот Заев да дозволува или да не дозволува ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт!? Како и во секоја демократија, па и во држави оценети како хибридни режими, каква што, впрочем, е и Македонија, тоа го прават граѓаните и никој друг.