Наместо „бугарски фашистички окупатор“ на спомениците за НОБ да стои „германски нацистички окупатор на Кралството Југославија и привремената бугарска администрација составена главно од Македонци“!

Ова е најновиот предлог на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев за да манифестира добра волја за подобрување на односите меѓу Софија и Скопје. Но, и за да го урне, како што вели самиот, митот за „првата пушка“ и „комунистичкиот отпор“  како основа за македонскиот „етнички идентитет“.

И откако повнимателно ќе се прочита содржината, иако кратка, станува апсолутно нејасно дали се работи за предлог со добра волја или за нова провокација на бугарскиот европратеник, кој, ете, решил да ни пишува нова, македонска историја.

Политички и научно гледано, во ова има извесна доза на коректност, пред се, во однос на државата, која била окупирана од страна на „германскиот нацистички окупатор“. И толку. Се другото е ново поигрување со здравата интелигенција и разум, но и со историските факти и вистина. Па дури и со тие, што ги прокламира самата Бугарија.

Очигледен е обидот на Ковачев во целата содржина, што ја предлага, никаде да не стои државата Бугарија. А, тоа значи дека на наша сметка треба да се исчисти фашистичкото црно петно на тогашната бугарска власт. Зашто, нели, државата, а не народот склучила сојуз со наци-фашистичките Германија и Италија.

Уште поголем карамбол, пак, предизвикува делот од формулацијата, според кој, воената бугарска администрација била „составена главно од Македонци“.

Тука, пак, се поставуваат неколку прашања. На какви Македонци мисли Ковачев-географски или етнички? Ако Македонците како народ и етнос, според бугарската „историска наука и вистина“, постојат од 1944 година, тогаш како може истите тие Македонци да бидат дел од воената бугарска администрација? Или, уште полошо, некои идеолошко обременети Македонци одлучиле да се кренат против истите Македонци за да создадат „мит за етнички идентитет“?! Бре мајката.

А, зошто, на пример, Ковачев не ги споменува македонските Бугари, кои за бугарската „историска вистина и наука“ биле реалност и пред, и за време, и по Втората светска војна, туку само Македонците? Или и тие не постоеле и не постојат? Очигледно, целта на Ковачев не е да понуди нешто целисходно, туку само да не се споменуваат Бугарија и Бугарите како окупатори на овој дел на Македонија како составен дел на Кралството Југославија за време на Втората светска војна.

Конечно, повеќе од проѕирна е идејата на бугарскиот европратеник. Како си замислува он, дека Македонците сами ги повикале бугарската војска, жандармерија и полиција? Или основата на нивното доаѓање била спогодбата со нацистичка Германија?

На крајот на краиштата, зошто Македонците земале оружје в раце? Сигурно не заради тоа што им било убаво. Ако им било убаво сигурно немале да дадат 24.000 жртви за време на војната. Така што предлогот на Ковачев за уривање на митот за „првата пушка“  и „комунистичкиот отпор“  како основа за македонскиот „етнички идентитет“ не заслужува да се именува ни како тоалетна хартија.