Синоќа после 22 часот била убиена 34-годишна скопјанка, откако била прободена со нож во стомакот по семејна расправија. На несреќата и претходела расправија и физичка пресметка помеѓу нејзиниот братучед и нејзиниот сопруг.

Кратко после тоа, братучедот заминал, но набргу се вратил со нож во раката. Тогаш одново настанала расправија и за да не биде нападнат нејзиниот сопруг сега веќе починатата се испречила пред братучедот кој со ножот и нанел убодни рани во стомакот, по што починала на лице место.

Братучедот и сопругот веднаш биле приведени во Полициската станица Чаир, по што, поради здобиените повреди, со возила на Итна медицинска помош двајцата биле пренесени во болница.

Увид на местото извршиле Јавен обвинител и екипа од СВР Скопје. По целосно расчистување на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.