Групи од по десетина мигранти секојдневно влегуваат во Македонија. Најголем дел од мигрантите кои протестираат на босанско-хратската граница во обид да влезат во ЕУ се дојдени изминатиот период преку земјава, односно преку грчко-македонската граница.

Рутата преку која влегуваат е речиси идентична како во 2015 година, а тоа е котата 59 на границата и реонот на Сува Река кај Гевгелија. Оттаму дел од мигрантите продлолжуваат пеш по долината на Вардар и од Скопје одат кон Табановце.

Фото: Фејсбук/Ленче Здравкин

Други бегалци, пак, во комбиња и автомобили се пренесуваат до српската граница, но за нив ова е поголем ризик отколку да одат пеш бидејќи редовно се пресретнувани од полицијата.

Фото: Фејсбук/Ленче Здравкин

Студеното време, недоволната храна и наводенетите обувки им создаваат најголеми проблеми на бегалците па затоа се благодарни на сите кои им помагаат на долгиот пат. Тие најчесто се од Авганистан и од Непал и за нив Македонија е само попатна станица на патот кон Германија која е нивна посакувана дестинација.

Експертите се согласни дека е прашање на време до кога Турција ќе може да ги држи под контрола оние 3,7 милиони бегалци кои се наоѓаат на нејзина територија и дека тие во никој случај не би сакале да се вратат од каде што дошле.

Фото: Фејсбук/Ленче Здравкин

Професорот Трпе Стојановски нагласува дека мигрантската криза од 2015 година не е завршена туку само е стишана.

Секаде каде што ќе се појави ново воено жариште подразбира нови миграциски бегалски колони. Европа покажа дека нема единствена политика околу миграциските процеси и тоа се чувствува во земјите на Европската унија. Ова прашање поттикна и внатрешни судири и сите оние радикални партии поради своите антимигациски ставови се сериозен партнер кога се составуваат новите влади и на тоа сериозно мора да се размислува – објаснува Стојановски за Пресинг Тв.