ВМРО-ДПМНЕ размислува да го продаде или изнајмува објектот на штабот на партијата во центарот на Скопје во насока на рационализација на трошоците. Ова го најавува лидерот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за МКД.мк.

Размислуваме за рационализација на трошоците во партијата. Ако имаме соодветна понуда, објектот на штабот на партијата би го продале или би го изнајмувале доколку има соодветна понуда. Сега правиме еден вид на скенирање на пазарот, па ќе видиме, вели во интервјуто Мицкоски.

По денешната информација за упатување на издржување на затворската казна на Никола Груевски, Мицкоски вели дека ќе иницира средба со почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Сакам да се видам со него, да поразговарам и да видиме како може да помогнеме против овој политички прогон што се случув. Ова е класичен политички прогон. Груевски е осуден за нематеријална добивка, а СДСМ постојано вели дека милијарди се украдени,  вели Мицкоски.

Во однос на идното делување на партијата Мицкоски најавува дека наредната недела планираат воспоставување на советот на Извршниот комитет на партијата.

Ќе биде составен во голема мера од нови ликови врвни професионалци од различни области, признати професори, доктори по науки, аналитичари и експерти кои во овие тешки времиња за нашата земја се одважуваат да помогнат. Тие ќе бидат нашата додадена вредност со кој ќе демонстрираме отвореност, нов квалитет, нов начин на работа и инклузивност. Тие практично ќе ги скенираат сите проблеми и области и ќе нудат решенија на ИК на партијата. Голем дел од тие луѓе се школувани во странство и со веќе изградени кариери. Ќе се шириме, отвораме кон квалитетни поединци кои ќе ѝ помогнат на државата. Ние силно ќе се фокусираме кон иднината, посочува Мицкоски.