Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ќе се сретне со неговиот македонски колега Зоран Заев за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк кон крајот на месецов, објави Ефимерида.

Весникот додава дека доколку средбата се оствари, таа ќе биде од обостран интерес, особено што Нова демократија на Мицотакис кога беше во опозиција се противеше на Преспанскиот договор за кој и гласаа против во Парламентот.

Во веста на Ефимерида се додава дека до Мицотакис стасале повеќе барања за средби со него од повеќе лидери, а особено од Балканот. Една дефинирана средба е таа со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а како многу веројатно е најавена и средба со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Инаку, Мицотакис на Меѓународниот саем во Солун неодамна изјави: „Преспанскиот договор е ратификуван и не може да се менува. Претходно реков, дека доколку договорот се ратификува ќе биде тешко да се измени. На северна Грција и е потребна развојна програма. Разговарав за потребата за заштита на македонските производи (од провинцијата Македонија во северна Грција н.з.). Не е договорена средбата со Заев, но очигледно е дека со него ќе се сретнам“

И неговата сестра, Дора Бакојани, поранешна министерка за надворешни работи и пратеник од НД, вели дека Преспанскиот договор не може да се менува и оти „ние же го почитуваме“.