ВМРО-ДПМНЕ не размислува за бојкот на претседателските избори, ни во првиот, ни во вториот круг ако имаме чисти, фер и демократски избори. Кандидатот Гордана Силјановска Дафкова ќе победи со 500.000 гласови, тоа го знааат во СДСМ и затоа се почести се ваквите шпекулации, изјави претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашниот ТВ дуел со лидерот на владејачкиот СДСМ и премиер, Зоран Заев.

Јас не говорам за бојкот, туку за демократско право да се гласа, а не како на референдумот да имаме случаи на секои 2,4 секунди да се гласа.  Ако тоа повторно се случи, зар некој може да остане рамнодушен на таков процес, изјави Мицкоски.

Премиерот Заев реплицираше дека ако имало такви примери, нив треба да ги докажат институциите на системот и потенцираше дека тој е за кристално чисти и демократски избори. Притоа тој го запраша Мицкоски дали доколку госпоѓата Силјановска Дафкова изгуби, тој ќе понесе одговорност и ќе поднесе оставка на функцијата. Лидерот на опозицијата ја повтори убеденоста дека Силјановска Дафкова ќе победи.

Но, во претходниот дел од емисијата околу ова Мицкоски изјави дека неговиот мандат е 4 години, дека партијата има свои органи и тела и тие ќе одлучат дали неговите политики се успешни или не.