Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервјуто за МИА посочува дека на власта не и одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и дека СДСМ сака да го закочи целиот процес затоа што сакаат да имплементираат правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици.

По последната лидерска средба немало официјална комуникација на ниво на претседатели на партии помеѓу него и претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, а лидерска е можна ако претходно се постигне приближување во ставовите на двете страни.

Очекува добивањето на датум за отпочнување преговори, но вели нема да биде вообичаено како што било за другите земји, туку дека ќе биде некој условен помеѓукомпромис.

Во интервјуто за Мицкоски говори и за неговите очекувања за случајот „Рекет“, посочувајќи дека не бил повикан во обвинителството откако кажа дека поседува документи од укажувач за случајот, за преземањето на случаите од СЈО и состојбите во правосудниот систем воопшто, одговара зошто опозицијата бара предвремени избори на пролет, за актуелните состојби во партијата, за нивните следни теренски активности и средби со граѓани, но и за тоа како ќе ги натераат граѓаните да излезат воопшто на гласање по бројните избори во изминатите години и гласањето за референдум и разочарувањето од политичките елити што финишираше со случајот „Рекет“ и притворот за Катица Јанева.

Пред неколку дена во јавноста излегоа неколку информации дека веќе имате одредени предлози за јавен обвинител. Разговарате ли со одредени потенцијални кандидати?

Тоа е уште една концепциска разлика помеѓу нас и СДСМ што ние се грижиме за процесите, а тие се грижат за персоналните решенија. И токму тука имаме повторно определени разидувања, затоа што ние сакаме процесите да бидат законити и уставни. За нив тоа не е важно. Гледате имавме нарачи настапи, стендап настани од страна на некои познати експерти, аналитичари кои велат дека некогаш треба и да се прекршат законите и Уставот за да се реализира некоја политичка цел. Јас не се согласувам. Како човек сум легалиста и за нас се важни процесите кои се темелат на безусловно почитување на законот и Уставот. За нив е важно колку вработените, роднините, соседите на вработените во СЈО да останат на работните места, да може да се продолжи со политичкиот терор, да може да биде овој или оној бивш обвинител што ќе го заштити Заев и семејството Заеви и останатите од врхушката на СДСМ од потенцијалниот криминал. За нас тоа е од второстепено значење, бидејќи како што кажав, борбата за правото и правдината се безусловни, а истовремено безусловна е и почитувањето на законот и Уставот. И тука имаме сосема различен концептуален пристап на работите. Доколку ме прашувате дали сме разгледувале некои имиња, воопшто немаме разгледувано имиња. Не, немаме, категорички ги отфрлам сите оние шпекулации во јавноста. Практично оној што треба да се бори против лажните вести гледаме дека е главен генератор на лажни вести, тоа сето го расеменуваа по медиумите и има за цел да создаде лажна слика, бидејќи имаат медиумска доминација. Имаме сведочења од многу луѓе како се однесува овој криминален октопод на власта кон медиумите, така што би заклучил конечен одговор на вашето прашање – да за процеси, законити и уставни, не за персонални решенија. Тоа е токму намерата на спротивниот табор, условно кажано во преговорите – претставниците на СДСМ да гледаме како да ги заштитиме сите оние полуактивисти или активисти на СДСМ вработени во администрацијата на СЈО, но и оние обвинители коишто му слугуваа целокупниот овој период во процесот на политички напади, политичката пресметка со политичките неистомисленици. Гледате впрочем главната обвинителка каде се наоѓа денеска, притвореничката и можеме да дојдеме до еден заклучок којшто е се поприсутен денеска во јавноста дека СЈО е формирано за да се нападне ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено дел од вработените гледаме првата таму го користела практично СЈО, односно постојат сомнежи дека го користела СЈО за рекетирање на бизнисмени и уцена на политичари.