Членството во НАТО и Европската интеграција е клучен фактор за стабилност во регионот и потребна е поддршка која ќе придонесе во остварување на тие цели, е согласноста која ја  изразија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер при денешната нивна средба.

Помеѓу другото било разговарано и за актуелната политичка и економска состојба во државата, како и реализацијата на стратешките цели на државава, стои во соопштението испратено до медиумите.

Според лидерот на најголемата опозициска партија, власта во овие моменти спроведува злоупотреба на институциите, нарачани обвиненија, притвори и пресуди и дека тоа државата ја уназадува во поглед на исполнување на стратешките приоритети и назадувањето на демократските процеси.

Воедно, Мицкоски подвлекол дека земјата се соочува со сериозни економски проблеми, лош стандард на граѓаните и сиромаштија која е производ на недоволната ангажираност на владата.

На средбата била истакната и важноста на стратешкото партнерство на Македонија со своите сојузници, но и дека клучна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ останува интеграцијата во ЕУ и НАТО.